X
 18.10.2022 Живот

Како Стјуардесите за женски права ја промениле историјата

Митот за „промискуитетната небесна келнерка“ чија задача е да ги задоволи каприците на патниците бил глобално распространет во 60-тите и 70-тите години од минатиот век. Меѓутоа, група активистки - стјуардеси, кои се нарекувале „Стјуардеси за женски права“, ја промениле историјата.

Ако на „Гугл“ пребарате зборови како „напад врз стјуардеса“, може да бидете непријатно изненадени. Имено, само во изминатите неколку години на различни летови низ светот имало повеќе десетици случаи на насилство над жени кои се дел од екипажот, инспирирани од многубројни мотиви.

Меѓутоа, ваквиот вид „бес“, кој на повеќе илјади метри прераснува во вербално или физичко насилство, не е нова појава. Авторката Нел Вулкарт, која во книгата „Големата побуна на стјуардесите“ нѐ запознава со еволуцијата на еден дел од авиоиндустријата, вели дека пред 50 и повеќе години „непримерното“ однесување на патниците мажи над стјуардесите било речиси и очекувана појава. Мажите за време на летот редовно ги омаловажувале, навредувале, несоодветно ги допирале, па дури и физички ги напаѓале стјуардесите на нивното работно место. За нештата да бидат полоши, сето тоа често се случувало со премолчено одобрување од авиокомпаниите.

И додека на небото овие жени трпеле различни облици на насилство, во 60-тите и 70-тите години од минатиот век се чинело како авиокомпаниите да не ги рекламираат своите услуги на основа на дестинацијата или евиденцијата за безбедноста на нивните летови. Дополнително, многу реклами емитувани на телевизија сведочат за продажба на билети „на основа“ на стјуардесите вработени во компанијата.

Тие жени во минатиот век често се наоѓале во улога на главен извозен бренд на моќните авиокомпании. Телата и лицата на вистински стјуардеси се наоѓале на центарот на речиси сите реклами на авиопревозниците. Облечени во костими кои по мерка на патријархалниот свет ја истакнуваат нивната убавина и сексапил, тие биле користени како пропаганда на капиталистичката машинерија, главна причина поради која изборот на богатите мажи би бил сведен на одредена авиокомпанија.

Стјуардесите биле облекувани во различни комбинации, а една авиокомпанија дури им дизајнирала и униформи од хартија. Но, тоа е само почетокот. Многу брзо се појавиле реклами во кои фокусот бил ставен исклучиво на членките на екипажот. Жените биле насекаде, биле снимени реклами каде што тие гледале со заводливи погледи и ги повикувале луѓето да летаат со нив (I’m Linda. Fly me).

Најконтроверзниот случај е оној во кој на стјуардесите во 1965 година им било наредено патувањето да го започнат во целосно закопчани капути, за подоцна во текот на летот полека да соблекуваат по едно парче облека - тоа била таканаречената „The Air Strip“ кампања.

Многу патници го сакале концептот на „небесни зајачици“. Но, колку попровокативни и посексуализирани биле рекламите, а униформите пооскудни - толку потешко им било на стјуардесите да ги натераат патниците да ги сфатат сериозно. Мажите на летовите биле непристојни, груби и ги штипеле и пипкале стјуардесите. Сепак, насилството над стјуардесите кулминирало во 1967 година, кога за време на евакуација еден патник повлекол стјуардеса, а потоа ја фрлил од авионот велејќи „Ти не треба да си тука“.

Понекогаш и самите авиокомпании недвосмислено ги нуделе стјуардесите како сексуални објекти. Кон средината на 70-тите години раководството на една компанија со декрет одредило дека нивните стјуардеси при качувањето во авион мораат да го бакнат в образ секој маж.

Многу авиони тогаш имале коктел-барови. Патниците често пиеле повеќе отколку што треба и ги навредувале стјуардесите. Сето тоа довело до побуна на вработените, а потоа стапило во сила и правило за контрола на алкохолот на летовите.

Бесни поради однесувањето на патниците и авиокомпаниите, група жени кои се нарекувале Стјуардеси за женски права во 1972 година решиле да возвратат на ударот. Излегле на улиците, марширајќи покрај маркетинг-компаниите во Њујорк кои ги креирале сексистичките кампањи.

- Авиокомпаниите те претвораат во сексуален објект. Ти го перат мозокот за да го прифатиш и очекуваш тоа. Ја губите самопочитта... Луѓето не ве сметаат за професионалец, па веќе не ни размислувате за себе како за професионалец - изјавила тогаш Сандра Џарел, една од основачките на групата.

Жените особено ја мразеле играта со зборови која се криела во слоганот „Fly me“, па излегле со натписи на кои пишувало „Go fly yourself!“, а биле емитувани и контрареклами во кои се порачувало дека стјуардесите се професионалци кои треба да се почитуваат.

Од 1972 до 1976 година Стјуардесите за женски права организирале бојкоти на различни компании и се погрижиле медиумите да дознаат за нивните напори. Повеќедецениската борба на стјуардесите за почит дала резултати и благодарение на нив, во 1989 година бил донесен закон за регулирање на пушењето на работното место, а во 2003 година стјуардесите конечно го убедиле американскиот Конгрес да ги лиценцира како професионалци за безбедност.

Здружението на стјуардеси сега бара од Конгресот да направи листа со забранети патници за сите авиокомпании. Активистките ажурно информираат за тоа како јавноста се однесува со нив, а посетувањето часови за самоодбрана практично станало неизоставен дел од нивната професија.

Извор: National Geographic
Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот