X
 29.05.2015 Наука

Учењето јазици може да ја зачува младоста на мозокот

Се чувствувате старо или премногу сте мрзеливи за учење нов јазик? Размислете повторно бидејќи трудот може да се исплати.


Познавањето странски јазик не е корисно само за разбирање за време на патувања. Според истражувачите, учењето нов јазик може да влијае на мозокот. Поточно, тој може да го одржи мозокот млад и здрав, без разлика на возраста на личноста.

„Annals of neurology“ неодамна објави истражување кое ни открива дека луѓето кои зборуваат два или повеќе јазици се когнитивно поактивни, односно тоа го успорува когнитивното опаѓање кое е нормално во текот на стареењето.

Истражувањето било спроведено на Единбуршкиот универзитет, а истото покажува дека ефектот е присутен и кај луѓе што учеле странски јазик подоцна во животот. Тимот кој работел на истражувањето работел со говорници на кои мајчин јазик им е англискиот.

Истражувањето траело од 1947 година до 2010 година, а испитаниците добивале тестови за интелигенција на 11-годишна возраст, потоа на возраст над 60 години. Откритијата покажуваат дека луѓето кои зборувале два или повеќе јазици имале значително подобри когнитивни способности во однос на она што би се очекувало според нивната возраст. Влијанието на познавањето повеќе јазици се забележува и кај лица кои учеле јазик на рана возраст, но и на постара.

Керолајн Абрамс, управителка на хуманитарната организација „Age UK“, која го поддржила ова истражување изјавила:

- За повеќе од милион луѓе во Велика Британија кои имаат 65 години или повеќе е проценето дека имаат одреден степен когнитивно оштетување. Итно мора да разбереме што влијае на когнитивното стареење за да понудиме подобри совети за заштита на здравјето на луѓето. Последниот резултат е уште еден чекор напред кон наоѓањето начин на кој може да се зачуваат вештините на размислување во подоцнежниот живот.

Доколку го чекавте вистинскиот момент за учење нов јазик, ова е тоа време.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука