Прекумерното гледање телевизија буквално може да ви го намали мозокот, предупредува Рајан Доерти од Факултетот за јавно здравје од Блумберговата школа за јавно здравје на Универзитетот „Џонс Хопкинс“. Студијата на податоците собрани во текот на 20 години и објавени во списанието „Брејн имаџинг енд бихејвиор“ покажа дека зголемувањето на времетраењето на гледањето телевизија може да доведе до намалување на сивата материја, а со тоа и до намалување на невроните што ги извршуваат повеќето ментални процеси.
Зачувување на мозокот
Кај луѓето што во просек гледале телевизија 1,5 час повеќе од нивните врсници, нивниот волумен на мозокот се намалил за приближно 0,5 отсто. Тој процент можеби некому му изгледа мал, но преовладува научната мисла дека зачувувањето на целокупноста на мозокот може да го продолжи времето пред когнитивниот пад предизвикан од стареењето, објаснува Доерти.
Истражувањето користело континуирана лонгитудинална студија за развој на ризик од коронарни болести кај млади возрасни (CARDIA), започната во 1985 година од страна на Националниот институт за срце, бели дробови и крв на САД, во која биле вклучени повеќе од 5.000 учесници. На секои пет години од нив се барало да го наведат просечниот број на часови поминати пред телевизорот.
Фото: Pixabay
Податоците покажуваат дека луѓето гледаат телевизија во просек по 2,5 часа дневно. За оние што гледаат телевизија четири часа или повеќе, скенирањето со магнетна резонанса покажало намалување на сивата маса за 0,5 отсто на 50-годишна возраст.
Физичката активност не е доволна
И додека претходните истражувања тврдеа дека редовната физичка активност може да го забави когнитивното опаѓање, оваа студија покажа намалување на сивата материја кај сите субјекти што премногу зјапале во екранот, без разлика дали редовно вежбале или не. Ова посочува дека зголемувањето на физичката активност не ги намалува негативните ефекти поврзани со гледањето телевизија.
Се разбира, истражувачите велат дека тоа не значи дека вежбањето треба да се занемари, но гледањето телевизија треба да биде заменето со други седечки активности, како играње друштвени игри, решавање загатки и крстозбори, за кои други истражувања покажаа дека помагаат во зачувувањето на сивата материја.
Извор:
Bug.hr
Фото: Pixabay