X
 04.09.2019 Наша тема

Дали и годинава наставници незаслужено ќе ја земат наградата за олимписки медали?!

По вчерашниот состанок на менторот доц. д-р Миха Буклески (чии ученици летово освоија бронзен медал на Меѓународната олимпијада по хемија) со претставници од МОН, проблемот останува во ќор-сокак

Министерството за образование и наука нема намера да го коригира јавниот повик за доделување награда за освоени медали на меѓународни олимпијади акредитирани од МОН, иако огласот овозможува паричната награда да отиде во погрешни раце. По вчерашниот состанок на менторот доц. д-р Миха Буклески (чии ученици летово освоија бронзен медал на Меѓународната олимпијада по хемија) со претставници од МОН, проблемот останува во ќор-сокак.

- Од секторот за средно образование при МОН не отстапуваат од ставот дека под терминот „наставник“ во член од Законот за средно образование се подразбирало дека се работи за наставник од средно образование. Иако сите ученици за меѓународни натпревари и олимпијади ги подготвуваме ние, кадри од факултетите, сепак, во јавниот повик е нагласено дека за награда од МОН може да конкурира исклучиво некој со доказ дека е вработен во средно училиште - објаснува д-р Буклески, доцент на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.



Тој е член во Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, научно здружение кое ја има акредитацијата од МОН да подготвува ученици за Меѓународната олимпијада по хемија. Факултети.мк пред десетина дена објави текст дека едни ги спремаат учениците за олимпијади, а други им ги земаат парите. МОН сè уште не одговори зошто не се објави друг повик за да се надмине грешката, ниту одговори на прашањето колку наставници вработени во средни училишта во изминатите пет години конкурирале и добиле парична награда иако тие не ги подготвувале учениците за олимпијади.

Буклески вели:
- Ни рекоа дека проблемот ќе се надмине со новиот закон за средно образование. Кога ги прашав дали и годинава наградата ќе му ја дадат на некој што не ја заслужил иако ете, сите разговараме и знаеме дека е погрешно, тие едноставно ги кренаа рамената и повторно се повикаа на Законот за средно образование.

Тимот кој ја претстави Македонија на ICho 2019

Проблемот е во толкувањето на член 24-б од постојниот Закон за средно образование. Иако во Законот е јасно наведено дека секој ученик и секој наставник што освоиле медал на некој од меѓународните натпревари акредитирани од МОН имаат право на одредена парична награда, во јавниот повик ресорното министерство нагласува дека наставникот мора да биде вработен во средно училиште во земјава, а речиси сите ментори се вработени на факултет. Така, за парична награда конкурираат и ја добиваат наставници кои воопшто не ги подготвуваат учениците за олимпијада. Станува збор за годишен паричен надомест од 144.000 денари за златен, 120.000 за сребрен и 96.000 за освоен бронзен медал.

Проблемот засега повеќе научни здруженија што имаат акредитација да ги подготвуваат средношколците на меѓународните олимпијади – Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, Друштвото на физичарите на Македонија, Сојузот на математичарите на Македонија, Здружението на информатичарите на Македонија, Македонското биолошко друштво.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема