„Тивок убиец“ - како што се нарекува длабоката венска тромбоза, односно формирањето тромб или згрутчување на крвта, е една од најчестите причини за смрт во болниците кај пациенти примени со сосема поинаква дијагноза.
Згрутчувањето на крвта или тромбот се смета за „тивок убиец“ поради фактот што лицето не чувствува никаква болка или непријатност, или затоа што може да има минимален оток на раката/ногата. Исто така, се смета за најголема причина за смртност на мајките за време на бременоста.
Згрутчувањето на крвта е „тивок убиец“ бидејќи доколку не се лекува, последиците се фатални
Како што е соопштено од „Тромбозис Ирска“, непрофитна доброволна организација од Даблин која се занимава со едукација, собирање и ширење информации за тромбозата, како и поддршка за пациентите со тромбоза, повеќе од 500.000 Европејци ќе умрат од венска тромбоза оваа година.
Згрутчувањето на крвта, иако претежно може да се спречи и лекува ако се забележи рано, може да бидат фатално ако се игнорираат предупредувачките знаци. Згрутчување може да се формира затоа што крвта е посклона кон згрутчување или затоа што пациентот води седентарен начин на живот или поминува време лежејќи во кревет. Пациентите со рак се исто така ранливи.
Згрутчување на крвта во ногата или карлицата често се јавува по абдоминална, карлична или ортопедска хирургија, траума или мозочен удар. Тромбот може да се откине и да помине низ срцето блокирајќи го протокот на крв во белите дробови, предизвикувајќи белодробна емболија, што доведува до отежнато дишење и/или болка во градите при дишење. Белодробна емболија може да предизвика ненадејна смрт ако згрутчувањето е доволно големо.
Тромбозата е тајниот виновник за трите кардиоваскуларни состојби кои убиваат најмногу луѓе
Тромбозата е скриениот виновник зад трите најголеми кардиоваскуларни убијци во светот: срцев удар, мозочен удар и венска тромбоемболија. Венскиот тромбоемболизам е опасен за живот, но може да се спречи. Сепак, јавната свест е сè уште многу ниска, и покрај фактот што згрутчувањето на крвта може да влијае врз секого, без разлика на возраста.
- Најмалку 544.000 луѓе ќе умрат од згрутчување на крвта низ Европа оваа година. Оваа бројка го надминува бројот на смртни случаи од сида, рак на дојка, рак на простата и сообраќајни несреќи заедно - изјавила Ен Мари О'Нил, основач на „Тромбозис Ирска“, која и самата преживеала тромбоза.
Ризикот од згрутчување на крвта кај одредени високоризични групи е најголем:
-Пациенти со рак: 1 од 5 ќе доживее згрутчување на крвта.
-Хоспитализирани пациенти: венскиот тромбоемболизам е водечка причина за смрт која може да се спречи во болниците.
-Породување: згрутчувањето на крвта е причина број еден за смртта на мајката, при што најголем ризик се јавува во првата недела по породувањето и продолжува до 6 недели по породувањето.
Организацијата ги охрабрува сите да бидат свесни за симптомите на згрутчување на крвта, особено кога има:
-Оток на едната нога или рака
-Необјаснета болка или осетливост
-Црвена или обезбоена кожа
-Скратен здив или болка во градите (знак за потенцијална белодробна емболија).
Извор: eklinika.telegraf.rs
Фото: Freepik