X
 29.05.2022 Наука

Одредени бои им се попривлечни на комарците

Комарците може да бидат здодевни, но тие се и едни од најсмртоносните суштества на Земјата поради болестите што ги шират. Биле направени многу истражувања за комарците за да се разбере нивното однесување. Досега се знаело дека комарците ги користат видот, мирисот и температурата за да лоцираат „жртва“. Се знае и дека само женските комарци касаат бидејќи им е потребна крв за да го комплетираат репродуктивниот процес.

Ново истражување покажува дека одредени бои повеќе ги привлекуваат комарците. Истражувачите спровеле повеќе експерименти на три вида комарци што шират болести и откриле дека нијансите слични на портокаловата и црвената, кои имаат слична бранова должина како бојата на кожата, се најпривлечни за комарците.

Од друга страна, белата, сината, зелената и виолетовата боја не биле многу привлечни за комарците. Истражувачите откриле и дека комарците не преферираат одредени нијанси на бојата на кожата бидејќи сите им биле привлечни.


Фото: Pixabay

Имало разлики помеѓу видовите комарци, па така дел од нив биле привлекувани и од црната боја, а некои од дизајни со контрасни бои.

Истражувачите покажале дека комарците се привлечени од боите слични на човековата кожа, но само во присуство на јаглероден диоксид, бидејќи тие се способни да го мирисаат гасот и на тој начин го наоѓаат пленот. Во експериментите во кои не бил искористен јаглероден диоксид комарците не покажувале особена привлечност кон одредена боја.

Што значи ова истражување во практика? Доколку сакате да ги намалите шансите да ве касне комарец, може да се обидете да носите бела, сина или зелена облека, но тоа не е гаранција дека комарецот нема да биде привлечен од вашата кожа или други карактеристики.

Извор: The conversation
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука