Проектот „Светот на Биби“ деновиве учествува на форумот „Картун 360“ во францускиот град Лил. Корисни совети и честитки од експерти од продукциски куќи со големо искуство во оваа дејност добија нашите претставници на форумот. Меѓу нив беа и претставници на најголемата француска филмска продукција „Гомон“, како и Марк Гудчајлд, претставник на Тарнер ИМЕА (Turner IMEA), групација која стои и зад „Бумеранг“, „Картун нетворк“...
Проектот вчера го презентираа продуцентите: Жарко Стојаноски, Стојче Ѓорѓиев, Марјан Алексовски и Гоце Цветановски, кој е и режисер на сказните на Биби.
Модератор на средбата беше Ванеса Чепман, долгогодишен продуцент на многу детски телевизиски и дигитални програми. Таа е ментор на тимот на „Светот на Биби“ и еден од креативците најзаслужни за меѓународниот успех на брендот „Лего“.
Честитки за ентузијазмот и сработеното во изминатата година и нешто добија продуцентите на проектот.
- Многу ми се допаѓа проектот, ви честитам за презентацијата и уживав во тоа што го видов. Нудите радосна содржина, владее одлична енергија и не сум изненадена дека им се допаѓа на децата. Проектот има големи продукциски вредности кои се важни за интернационален успех. Би сакала да укажам дека за поголемо интернационално влијание би требало анимацијата да се збогати - истакна Мики Чојнака, главен менаџер за содржина и за креатива во „Хопстер ТВ“.
Режисерот Цветановски објасни дека детската публика е желна и за повеќе содржина, но дека засега сме во можност да подготвуваме една сказна месечно.
- Нашиот следен чекор би бил да направиме повеќе анимации доколку најдеме партнери, телевизии, но ако имаме средства за тоа. Секоја наредна епизода има подобра продукциска вредност, ако се движиме вака, без дополнителна помош, за година-две би можеле да бидеме и подобри. Анимацијата е важен дел од проектот, но не е единствениот аспект - рече Цветановски.
Корисни совети и забелешки доби тимот на „Светот на Биби“
Експертите се интересираа и за тоа дали „Светот на Биби“ ќе оживее и на други јазици.
Содржините на српски јазик веќе ги реализираме, а се планира да се освојат и албанскиот, турскиот и бугарскиот пазар, за што веќе се бараат медиумски партнери.
За Кортни Арумугам, заменик-претседател на одделот за креативен развој, анимација и семејство при филмската продуцентска куќа „Гомон“, многу е важно да се знае со што би сакале да ја освоиме меѓународната публика. Таа го пофали фактот дека македонската публика одлично реагира на проектот.
Марк Гудчајлд, главен за дигитален производ и дигитална стратегија за содржина, посочи дека е многу важно приказните да бидат вистински релевантни за локалната публика, но и да им се најде универзална нишка, во што сите присутни се согласија дека „Светот на Биби“ навистина го има тоа.
- Јас сум импресионирана и од реалните настани што ги организирате, за кои се гледа дека имате голема публика. Тој контакт е многу важен - посочи Воајел Акер, главна за меѓународен бизнис-развој во ТОБО, бренд за играчки.
- Ви честитам за енергијата и ентузијазмот. Сте создале многу работи. Искористете го моментот дека вашиот јутјуб-канал е веќе разработен, обидете се да ја раширите публиката и во други земји, се разбира, исклучиво со добар превод. Фокусирајте се на тоа што го имате и одлучете се дали ќе обрнете внимание повеќе на едукативното или на забавното - рече Акер.