Формирана е нова вселенска држава наречена Асгардија, а нејзин прв лидер е рускиот научник и милијардер Игор Ашурбејли. Тој на свечена церемонија одржана во Виена официјално ја основа новата држава.
- Ги формиравме сите гранки на нацијата. Можам да соопштам дека се роди Асгардија - рече милијардерот.
Без оглед на тоа што Асгардија нема никакви територии на Земјата, таа има речиси 200.000 „граѓани“, кои ѝ се приклучија на државата преку интернет и има амбициозни планови за изградба на населби во ниската орбита на Земјата и на Месечината.
Асгардија има сѐ што е потребно за формирање на една држава: устав, знаме, химна и избрани претставници, а земјата работи и на користење нови криптовалути солар за изградба на својата економија.
Асгардија ќе направи инфраструктура која нема да зависи од копнениот систем. Асгардијците ќе имаат преносни уреди со интегрирани пасоши, кредитни картички и традиционални паметни телефони.
Игор Ашурбејли
Фото: Wikipedia
Некои од алтруистичките планови на Ашурбејли вклучуваат и обезбедување глобален интернет и пристап до асгардиските технологии, како и формирање флота за заштита на Земјата од астероиди.
Лидерот на вселенската држава не ја гледа Асгардија толку многу како држава, колку како чекор на патот за развој на човештвото.
- Вселената е бесконечна и истражувањата на вселената ќе му дадат можност на човекот да стане бесмртен - рече милијардерот.
Државата го добила името во чест на небесниот град Асгард, во кој, според скандинавската митологија, живеат
боговите.