X
 02.01.2023 Наша тема

Паркови полни со луѓе, одговорност кај политичарите, промовирање на македонската култура... Новогодишни желби на познатите

За некого успешна, за некого година што треба да се заборави. На крајот на секоја година, следува преиспитувањето околу тоа како ни поминаа изминатите 365 дена на приватен и на професионален план и што да очекуваме за наредниот круг околу Сонцето.

Иако менувањето на датумот и тие фамозни 3,2,1, Среќна Нова година“ за многумина значат нов почеток и момент да се промени нешто кон подобро, други не го доживуваат тоа така. Во денешно време митот за Нова година е малку избледен и многумина бегаат од еуфоријата со аргументи дека следниот ден, на 1 јануари, веќе продолжуваат да важат истите проблеми и обврски и дека не е некој повод за славење.

Сепак, неоспорно е дека периодот околу Нова година е еден од највеселите во годината, а Факултети.мк побара мислење од пет наши етаблирани личности во различни области околу нивните новогодишни желби и за тоа како им поминала 2022.

 

Сакам да ги видам нашите паркови полни со луѓе! – д-р Митов

Д-р Александар Митов е магистер по јавно здравје и влијанија на животната средина врз здравјето. Тој дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје како првенец на генерацијата, со просек 9,9 и интензивно работи со пациенти помагајќи им да ги променат своите навики и преку поздрав животен стил да стекнат подобро здравје.

- Благодарен сум за годината што завршува. За мене, беше година на почетоци. Најважниот почеток беше раѓањето на нашето трето дете, и тоа е моментот што ми ја означи годината. Дополнително, на професионален план воведовме 5 нови производи и со тоа значително ја проширивме линијата со природни суплементи под наш бренд. Следнава година ќе ја посветиме на растење - вели Митов.

Тој со неговиот тим веќе подолго работи на проектот Dr. Alex - the Mediterranean MD. Планот му е следната година, пред сѐ, да ја посвети на овој проект.

- Излегувањето на меѓународен пазар малку ме плаши, но е и предизвик, па ќе дадеме сѐ од себе за да го направиме успешен. Инаку да, секоја година ја започнувам со план и одлуки за Новата година. Но, кога луѓето планираат, Бог се смее. Само посакувам да продолжи трендот на сѐ поздраво живеење. Расте свеста за физичката активност и тоа ме радува. Сакам да ги видам нашите паркови полни со луѓе! - додава Митов.

 

Андријана Јаневска смета дека македонската музика треба повеќе да се промовира  

Освен што пее и работи како виолинист во НОБ, таа свири на пијано и на бас-гитара. Станува збор за една од нашите најсестрани музичари, Андријана Јаневска. Таа од 2002 година работи во Македонската опера и балет како прва виолина, а од јули 2017 година е доцент на ФМУ Скопје.

- За мене, 2022 година беше една од најубавите. Времето ќе постои засекогаш, но ние нема. Достоевски вели: „Постои време и постојат можности, но ретко човек ги сретнува заедно“. Затоа, треба да ја зграбиме секоја можност и да уживаме во животот – кажува Андријана.

Таа посакува поголема медиумска покриеност на македонската музичка сцена, апелирајќи дека изобилуваме со неверојатни таленти.

- Очекувањата носат разочарувања, затоа не очекувам од никого ништо, туку ќе се обидам колку што можам самата да си го направам животот поубав, но и на другите луѓе. Приоритет во новата година ќе ми биде одбраната на докторската дисертација, на која посветив 9 години истражување и запишување на македонските народни песни во Албанија - додава Андријана.

 

Посакувам секој политичар да го разбере концептот на одговорност - проф д-р Ана Павловска-Данева

На една од анкетите на Факултети.мк за најинспиративни професори студентите ја избраа токму неа. Проф. д-р Ана Павловска-Данева е редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.  

- Гледано од аспект на моите професионални достигнувања, активности, ова беше една обична година во низата на неколкуте претходни. Објавени трудови (меѓу кои и прв коментар на еден многу значаен законски текст), посета на меѓународни конференции, ангажман од странски организации за работа на истражувачки проекти и сл. Затоа велам, вообичаен редослед на настани и обична година. Од аспект на глобални случувања, светска и домашна политика, 2022 ќе остане запаметена како година на воена агресија среде Европа, година на економска и не докрај решена здравствена криза  - вели проф. д-р Павловска-Данева.

Професорката вели дека не прави годишни резолуции и дека се труди да држи континуитет на остварување на целите што си ги има зададено. Таа вели: - Имам веќе доволно години и животно искуство за да не посакувам реализација на нереални нешта во нереални рокови.

- Се стремам на одржување пристојно здравје и изглед со непрекинато вежбање и правилна исхрана; постојана комуникација со луѓето што ги сакам и прават да се насмеам, а редуцирање на контактите со лица што ми предизвикуваат немир и раздразнетост. Посакувам секој чинител во правосудниот систем да поработи на сопствениот интегритет и секој политичар да го разбере концептот на одговорност. Сигурна сум дека тоа нема да се случи во 2023, но верувам дека може да се работи на долг рок да се постигнат овие идеали - потенцира проф. д-р Павловска-Данева.

 

Игор Стефановски-Иџе не го менува рецептот за успех и во новата 2023

Кога се зборува за автомобилизмот во Македонија, разговорот почнува и завршува со Игор Стефановски. Станува збор за двократен европски првак на шампионат на ридски патеки, и тоа две години по ред, во 2014 и 2015 година.

- На професионално поле 2022 ќе ми биде запаметена по одличните резултати направени на европскиот шампионат на ридски патеки, каде што по 7 години повторно се вратив и го освоив второто место во генерален пласман, односно вицешампион за 2022 – вели Иџе.

Тој смета дека нема што да промени во однос на ова што го прави досега бидејќи сето тоа што го работи дава многу успех и одлични резултати.

- Планови и очекувања имаме многу, се надеваме и воедно се трудиме заедно со мојот тим сето тоа да стане реалност за годината што следува. Секако дека имам зацртано цели кон кои работам напорно за да ги остварам како на професионален така и на приватен план - вели Иџе.

Треба промени за театарот да го врати изгубеното место во општеството - Ѓорѓи Јолевски

Во неговата над тридецениска кариера, со низата незаборавни улоги и изведби, во кои има оставено дел од себе, Ѓорѓи Јолевски е поим за актерски професионалец кој со полна пареа работи и денес.

- Во 2022 година ја продолжив успешната приказна со „Последната лента на Крап“ гостувајќи на Интернационалниот фестивал на монодрама во Загреб, Хрватска, „Бефемон“ во Бечеј, Србија, и 30-годишниот јубилеј на македонската култура во Крањ, Словенија. Секако, и премиерата на „Кајмак“ на Милчо Манчевски. Приватно без големи турбуленции, што е добро за добата во која го консумирам животот - вели Јолевски.

Тој откри дека за 2023 е во преговори со различни уметници од земјава и од странство за реализирање неколку претстави и проекти и се разбира планира да продолжи со учествата на интернационални фестивали со стари и нови претстави.  

- Потребни се големи промени во државата за да може театарот да застане на цврсти нозе и да го врати изгубеното место во општеството. Сведоци сме на колапс на државата која се распаѓа по сите шавови. Живееме во агонија и заробеништво на институциите на власта и криминалот кои граѓанинот не го ставаат дури ни на маргините на системот. Ако оваа апсурдна состојба продолжи, падот води само кон бездна. Во тој контекст нема потреба да зборувам за напредок во браншата, туку за опстанок на државата - завршува Јолевски.

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема