X
 03.11.2023 Живот

Страшна бура ја зафати Европа - паднати дрвја, поплави, откажани летови...

Најмалку дванаесет лица ги загубија животите, а десетици се повредени откако бурата Кијаран ја зафати Северозападна Европа со поројни дождови и ветришта со брзина до 200 километри на час, оштетувајќи домови и доведувајќи до затворање училишта, откажување летови и прекинување на железничкиот сообраќај.

Бурата го погоди северозападот на Франција и југозападот на Англија пред да се прошири во Холандија, Белгија, Германија, Франција и Италија.

Едно лице во холандскиот град Фенрај го загубило животот откако врз него паднало дрво. Паднати дрвја повредиле луѓе и на неколку други места, вклучително и една жена во Хаг, а биле погодени и велосипедисти, соопштија холандските власти.

Во Франција загинаа 2, а повредени се 15 лица, меѓу кои и 7 пожарникари, соопштија тамошните власти. Возач на камион загинал откако удрил во паднато дрво. Во Авр еден човек бил зафатен од ветерот додека затворал ролетни и настрадал.

Околу 1,2 милион домаќинства останале без електрична енергија, а стотици илјади се исклучени од мрежата на мобилната телефонија. Ветрот во некои региони достигнал брзина до 200 километри на час.

Паднати дрвја ги блокираа патиштата и железничките пруги и има значителна материјална штета. Поради бурата, откажани се стотици летови. Возовите кон и од Париз исто така не сообраќаат, а погоден е и бродскиот сообраќај.

Силни ветришта имало и на планинскиот венец Харц во централна Германија, каде што една жена настрадала откако била погодена од дрво што паѓало. 46-годишната жена од Баварија планинарела со сопругот и две мали деца на 600 метри високата планина Рамелсберг во близина на Гослар кога смртно настрадала.

Бурата срушила и далноводи и делумно се затворени два автопати во планините Харц.

Во централниот италијански регион Тоскана најмалку пет лица го загубија животот поради временските непогоди во дел од земјата. Претседателот на Тоскана, Еугенио Џани, истакна дека две лица загинале во општината Монтемурло, во близина на Фиренца, каде што се излила река. Трето лице загинало во Розињано.

-Никогаш не сме забележале толкава количина на дожд во само неколку минути - истакна тој.

Се предвидува дека дождот и јаките ветришта ќе се движат кон јужните делови на Италија, соопштија тамошните власти.

Бурата вчера ги погоди и Британија, Белгија и Холандија и се откажани стотици летови. Кијаран се движела од Ла Манш, преку Англија кон Северното Море.

Денеска и хрватските власти издадоа црвено предупредување за подрачјата на Риека, Книн и Сплит поради невремето со грмежи, проследено со ветришта. За дел од Хрватска е издадено портокалово предупредување поради јаките ветришта и на места обилните дождови.

Истовремено, ситуацијата во Словенија е драматична. Реките во Горењска и Посочје почнаа нагло да растат, а на подрачјето на Посочје и горна Соча веќе почна излевањето.

Извор: Jutarnji
Насловна фотографија: Х

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот