X
 15.11.2021 Живот

Која е најчестата крвна група во Македонија, Европа и во светот?

Крвта е неопходна за функционирање на телото. Таа дистрибуира клучни нутриенти низ телото и му носи на нашиот имунолошки систем „армија“ од бели крвни зрнца и антитела за да се избори со инфекциите.

Но, не секоја крв е иста. Антигените во крвта ја одредуваат крвната група. Има осум главни крвни групи и со различни комбинации на антигени и класификации се добиваат повеќе системи од крвни групи.

Користејќи податоци од „Википедија“, страницата „Вижуал капиталист“ направила мапа на најчестите крвни групи во светот.

Според таа мапа, најчеста крвна група во Македонија, како и во Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија и Хрватска е А+. Во Албанија и во Грција најчеста е 0+. За Црна Гора и Косово нема податоци.

Кај 7,9 милијардите луѓе што живеат во светот, распространети на 7 континенти и 195 земји, најчеста крвна група е 0+, под која припаѓаат повеќе од 39 отсто од светското население. Истовремено, најретка е АБ-, со само 0,40 отсто од светското население.

Ако се поделат на национално ниво, статистиките почнуваат да се менуваат. Со оглед на тоа што различни генски фактори играат улога во одредувањето на крвната група, секоја земја и секој регион раскажуваат различна приказна за населението.

Фото: Visual Capitalist

Регионална дистрибуција на крвните групи

Азија

Иако 0+ останува најчестата крвна група во Азија, прилично честа е и Б. Речиси 20 отсто од населението во Кина се со оваа крвна група, а прилично е честа и во Индија и во други земји од Централна Азија.

Колку за споредба, во некои земји од Западна Азија, како Ерменија и Азербејџан, преовладува население со крвна група А+.

Америка

Речиси 70 отсто од населението во Јужна Америка е со крвна група 0. Таа крвна група е најчеста и во Канада и во САД.

Африка

0+ владее и во африканските земји. Држави како Гана, Либија, Конго и Египет имаат поголем број на население со крвна група 0- отколку со АБ+.

Европа

Во Европа многу честа е крвната група А. Речиси 40 отсто од луѓето во Данска, Норвешка, Австрија и во Украина се со таа крвна група.

Океанија

0+ и А+ се доминантни крвни групи во земјите во Океанија, каде што само Фиџи има значителен број на население со крвна група Б+.

Блиски Исток

Повеќе од 41 отсто од населението на Блискиот Исток е со крвна група 0+, а Либан е единствената земја со голем број население со крвна група 0- и А-.

Карибите

Речиси половина од населението на Карибите е со крвна група 0+, иако во Јамајка најчеста крвна група е Б+.

На сликата подолу можете да видите класификација на крвните групи во светот по региони.

Фото: Visual Capitalist

Извор: Visual Capitalist
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот