X
 29.08.2018 Живот

Херојот Марко: Најтешко ми беше на почетокот кај Св.Наум, немав кризи и не помислив да се откажам

Mарко Пејчиноски е новиот херој на охридското маратонско пливање. Тој вчера за 9:02 часа во екстремно неповолни временски услови на силен ветер и голем бран го преплива Охридското Езеро од Свети Наум до Градското пристаниште во Охрид, јави МИА.
Првите честитки за неговиот подвиг пристигнаа веќе на самата цел на кејот на езерото во Охрид, од неговите најблиски, другарите од школо, но и целата јавност разбра за малиот херој.

Марко денеска се одмара, по преспиената ноќ кога ги сумираше впечатоците, несвесен за големината на постигнатото, барем судејќи по она што ни го изјави еден ден по големиот подвиг.
- Најтешко ми беше на самиот почеток, кај Свети Наум каде што водата беше најстудена. Решив да истраам, да испливам малку подалеку, каде што водата беше потопла. Немав криза во пливањето, во ниту еден момент не помислив да се откажам, продолжив да пливам сѐ до самата цел - рече Марко.

Дваесет и петте километри, колку што беше долга патеката, тој успеа да ги исплива благодарение и на поддршката од неговите најблиски, кои постојано го бодреа, давајќи му совети како да плива, максимално да ги испружува рацете, да го држи ритамот.
За Марко, пливањето е разонода, рекреација, задоволство. Тој рече дека секако ќе продолжи со пливање, додека за неговите планови за иднина рече дека е рано да се размислува, затоа што, „иднината се менува“.

Неговиот успех е дотолку поголем затоа што се соочува со здравствени проблеми со левата нога, поради кои му било забрането да игра фудбал или ракомет, а пливањето го препорачале и самите лекари.
- Многу сакам да спортувам. Кога можев, секогаш бев надвор со другарите и игравме фудбал. Кога се случи тоа со ногата и по операцијата, пливањето го избрав како моја идна спортска активност - изјави тој.


Инаку, подготовките за овој подвиг Марко ги започнал на 15 октомври минатата година, со план и намера да биде учесник на маратонoт од 10 км на Охридското Езеро, но подоцна, кога се уверил во своите можности, го изменил планот и почнал да се подготвува да го преплива целото езеро.
- Сакам да бидам маратонец, да пливам маратонски трки надвор од Македонија. Секако дека ќе пливам и понатаму, уште сум мал за некакви посериозни планови за во иднина - рече скромниот Марко, порачувајќи им на неговите врсници и на сите млади луѓе дека доколку се има желба и напорно се работи, можат да се постигнат секакви успеси.

Неговите родители не сакаа со какви било изјави да го засенат успехот на Марко, освен што ја искористија можноста да искажат голема благодарност до хотелот „Тино“ во Охрид каде што му било овозможено во текот на целата година секојдневно да тренира и да се подготвува за маратонот, на базенот во Спортскиот центар „Билјанини Извори“ каде што Марко тренираше летово, како и на Здружението на возачи од Охрид каде што е вработен неговиот татко, овозможувајќи му да го носи Марко на тренинзите и да го враќа дома.

Фото: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот