Заканата од уништување на Охридското Езеро со претерана урбанизација се најде на страниците на јулското издание на едно од најчитаните печатени списанија за див свет – BBC Wildlife Magazine.
Охридското Езеро е најстарото природно езеро во Европа и едно од најстарите природни езера во светот. Најголемата просечна длабочина му изнесува 155 м, поради што е најдлабоко во Европа и 14то најдлабоко езеро во светот. Со над 200 ендемични видови кои живеат во неговите води, Охридското Езеро е најважниот езерски екосистем на европскиот континент.
И можеби токму поради овој податок, Би-Би-Си како едно од наjрелевантните списанија за див свет, во своето јулско издание објави статија за заканата од уништување на Охридското Езеро. Би-Би-Си списанието за див свет се печати од 1963 година, и оттогаш па наваму објавува стручни и проверени информации за дивиот свет кој ја населува планетата Земја.
„Балканскиот Галапагос е под закана. Дом на уникатни видови риби и полжави, Охридското Езеро може да пресуши доколку се гради во неговото Блато.“ – објави Би-Би-Си.
Студенчишкото Блато е ризница на уникатна фауна, како и место за мрестење и гнездење на многу видови жив свет кои го чинат уникатниот екосистем на Охридското Езеро. Со новиот ГУП за Охрид 2014-2024 се планира Блатото да се исуши за да се изградат луксузни апартмани, хотел и марина. Со намалувањето/преземањето на површината на Блатото ќе се промени квантитетот и квалитетот на подземните и површинските води, како и неговата основна функција (природен прочистувач на Охридското Езеро) што воедно е најсериозна закана по биолошката разновидност на Блатото како и на самото Езеро.
Поради ова, Охрид ЅОЅ во јуни годинава испрати отворено писмо до градоначалникот на Охрид, г. Никола Бакрачески, кое содржеше Барање за мораториум на спроведувањето на активностите/проектите кои подразбираат намалување, односно преземање на Студенчишко Блато (УБ 17.1). До денес Охрид ЅОЅ нема добиено никаков одговор на барањето.
Помислата дека Охрид и Македонија ќе останат без ова природно богатство е застрашувачка и неприфатлива како за македонската јавност, така и за меѓународната заедница, но изгледа не и за носителите на одлуки кои сè уште веруваат дека со природата може да се пазари.