Креативниот процес на учење математика бара повеќе планирање од страна на наставникот, што во многу наши училишта недостасува. Математичката анксиозност, односно страв од математиката, е присутна кај голем број деца и обично се јавува во основно училиште.
Често ќе слушнете родител кој вели дека математиката „не му оди“ на неговото дете, иако е одлично во другите предмети. За разлика од читањето и пишувањето, кои некои деца ги учат дома, учењето математика најчесто започнува во училишната клупа, па со самото тоа и начинот на кој учителот ја претставува математиката пред децата влијае на тоа каков став ќе има детето кон тој предмет.
Родителите, исто така, имаат важна улога во тоа каков став детето ќе има за математиката. Родителот не треба да му зборува на детето дека „не му оди“ бидејќи детето ќе поверува во тоа. Материјалот е составен така што секое дете може да го совлада. Математиката навистина е предмет кој бара многу работа, но важно е децата да создадат потреба за учење математика затоа што е интересна, а не затоа што мора да ја совладаат. Децата покажуваат најдобри резултати во предметите кои ги интересираат, па притисоците од страна на родителите или казнувањето со лоши оцени од страна на учителот нема да даде вистински резултат.
Децата треба да се ослободат од стравот од математика така што на часот ќе им се дозволат и погрешни одговори. Наместо „седи, неточно“, на ученикот треба да му се каже „како стигна до тој резултат?“ и слично. На тој начин и останатите деца кои немаат одговор на задачата ќе научат дека во математиката постојат повеќе начини и постапки да се стигне до даден резултат. Ставот дека во математиката секогаш постои само еден начин да се дојде до точно решение е еден од главните причини за појава на математичка анксиозност. Спротивно на тоа, математиката е предмет кој дава можност за избор и креативност во наоѓањето точен одговор, а така и треба да се претстави на децата.
Креативниот процес на учење математика, меѓутоа, бара повеќе планирање од страна на наставникот. На крајот, децата треба да добијат и добра причина да учат математика, преку примери за практична примена на математиката во секојдневието.
Објаснете му на детето како да пресмета колку пари му се потребни за храна за еден месец, колку проценти се момчиња, а колку девојчиња во одделението или како да подели литар вода на четири ученици. Детето така ќе сфати дека тоа, всушност, несвесно користи математички операции и дека со математиката се служиме еднакво како и со јазикот кој го зборуваме.
Извор:
RTV