29.08.2018
Економија
Весна Стојановска и Предраг Милошевски, директори во КБ Прво пензиско друштво: Во младоста треба да направиме сѐ што можеме за во староста да бидеме финансиски самостојни
Колку ќе ви изнесува пензијата, во кој столб се уплаќаат придонесите, на која возраст се остварува правото на пензија, кои се придобивките од двата пензиски столба? Интерните анкети на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје покажуваат дека граѓаните немаат доволно информации за својата пензија.
Весна Стојановска, генерален директор, и Предраг Милошевски, втор генерален директор на КБ Прво пензиско друштво, објаснуваат кои се предностите на пензиските фондови. Тие велат дека инвестираат во едукација која ќе го зголеми нивото на знаење кај популацијата за пензиското осигурување.
- Само добро едуцирани граѓани носат правилни одлуки за своето пензиско осигурување – велат тие.
Дали ова значи дека ќе почнете со кампања за едукација на граѓаните?
Весна Стојановска: Нашите интерни анкети кои ги спроведуваме редовно помеѓу граѓаните покажуваат дека општата јавност нема доволно информации за својата пензија и тука гледаме голем простор за унапредување. Сметаме дека најголема потреба има во доменот на подигање на свеста за придобивките од реформата на пензиското осигурување, како и зголемување на информираноста поврзана со сопственото пензиско осигурување (колку ќе изнесува пензијата, во кој столб се уплаќаат придонесите, на која возраст се остварува правото на пензија и кои се придобивките од двата пензиски столба).
Како всушност се пресметува пензијата?
Предраг Милошевски: Пензискиот систем до 2006 година беше заснован само на принципот на генерациска солидарност, односно тековните вработени плаќаат придонеси со кои се исплаќа пензијата на тековните пензионери. Со реформата на пензискиот систем во 2005 г. системот на солидарност или т.н. прв столб е надополнет со вториот столб, каде што дел од придонесите се уплаќаат на индивидуални пензиски сметки на секој член. Средствата понатаму се инвестираат, и заедно со приносот се акумулираат, а по пензионирањето ќе може да се повлекуваат како месечна пензија, која ќе биде надополнување на пензијата од првиот столб. Постоењето на комбиниран пензиски систем обезбедува тие еден со друг да се помагаат со заемно надополнување и полесно амортизирање на ризиците, со што се постигнува повисок степен на сигурност.
Која е разликата помеѓу вториот и третиот пензиски столб?
Весна Стојановска: И вториот и третиот пензиски столб се засновани на принципот на капитално финансирање, односно средствата се уплаќаат на индивидуални сметки, се инвестираат и со исполнување на условите за пензионирање се исплаќаат на некои од начините пропишани во закон. Разликата е во тоа што вториот столб е задолжителен за сите нововработени по 1 јануари 2003 година. За членовите на двостолбниот пензиски систем, 2/3 од вкупниот пензиски придонес се уплаќаат во Фондот на ПИОМ, а 1/3 од придонесот се уплаќа во вториот столб на лична сметка за членот. Со исполнување на правото на пензија идните пензионери ќе добиваат пензија од два извора. Имено, од Фондот на ПИОМ ќе се исплаќа дел од пензијата - процент од пензиската основа, а останатиот дел ќе се исплаќа од задолжителниот пензиски фонд.
Третиот столб е доброволен и нуди дополнително осигурување кое овозможува повисока пензија за лицата што ќе одлучат да одвојуваат повеќе средства од оние што веќе му се уплаќаат во првиот и вториот столб. Можноста да се уплаќа колку сака и кога сака му овозможува на членот поголема слобода во креирање на својата пензија. Средствата од третиот столб можат да им бидат на располагање на членовите 10 години пред законски утврдената возраст за пензионирање. Важно е да се истакне дека овие средства се наследни.
Средствата на членовите, и во двата фонда, се целосно одвоени од средствата на Друштвото, се чуваат на сметка кај банка-чувар на имот и се наменети само за исплата на пензија од втор столб или пензиски надоместок од трет столб.
Кој столб е во пораст според бројот на членови во КБ Прво пензиско друштво?
Предраг Милошевски: Бројот на членови и во двата столба е во постојан пораст, но посебен интерес бележи третиот столб и сметаме дека сè повеќе ќе се бележи пораст во иднина. Нашата цел е штедењето во третиот столб да стане еден вид начин на живот на идните генерации.
Тука би сакал да напоменам дека третиот столб може да биде избор и на сите оние што ги работат новите професии, како фриленсери, самостојни консултанти, работа на проекти и за странски работодавци како трговци-поединци. Денес членовите што работат во професии кои порано не постоеја, секако го одбираат третиот пензиски столб како дополнителна или единствена пензиска шема за себе затоа што им ја нуди флексибилноста на уплати тогаш кога им стига наплатата.
Дополнително, работодавците може да организираат и доброволни пензиски шеми за своите вработени, односно уплаќаат средства за дополнително пензиско осигурување на лична-професионална сметка. Организирањето и финансирањето на професионална пензиска шема од страна на работодавецот, пред сè, значи грижа за иднината и обезбедување повисок приход во „пензионерските денови“ на своите вработени/членови во пензиската шема, можност да овозможи дополнителна мотивација на тимовите. Секогаш е убаво да се слушне дека работодавецот се грижи за својот вработен, за неговата иднина.
Зошто младите треба да се подготвуваат за пензија уште од 20-годишна возраст?
Предраг Милошевски: Кога сме млади, ни се чини дека до пензија има време и дека е премногу рано за планирање и одвојување средства за старост. Размислувањето за пензија, посебно во дваесеттите години, можеби ни изгледа премногу далеку. Ако ги земеме предвид почетната плата и желбите за авантури, можеме да сфатиме зошто младите ја одложуваат грижата за пензија за позрели години.
Откако ќе се вработиме првпат, по 15-ина години учење, сакаме конечно да уживаме во придобивките од вложениот труд. Ако на тоа се додаде и процесот на формирање семејство и водење домаќинство, јасно е дека пензионерските денови се чинат години оддалечени. Меѓутоа, времето е сè подинамично и побрзо. Додека се свестиме, веќе сме во 40-тите, без заштеда.
Kога ќе размислиме, кога само би штеделе симболична сума од 500 ден. месечно, за изминатите 20 години веќе би имале заштедa oд околу 2.500-3.000 еур, во зависност од начинот на штедење. Нашиот начин на размислување е „еднаш се живее“, но прашањето е што потоа? Во младоста треба да направиме сè што можеме за во староста да можеме да бидеме финансиски стабилни и самостојни.
Со постоењето на третиот столб на младите им се овозможува уште од петнаесетгодишна возраст да штедат. Тие можат да одвојуваат симболични износи, да вложуваат кога сакаат, со динамика која сами ќе ја одредат, за по триесетина години да создадат солидна заштеда, која на крајот ќе им даде поголема финансиска сигурност.
Кои напори ги прави и ќе ги прави КБ Прво пензиско друштво за едукација на граѓаните за втор и трет столб во пензискиот систем?
Предраг Милошевски: Во денешно време на зголемена миграција на работниот кадар и појавата на нови работни позиции и форми (вработените почесто менуваат компании, заминуваат во странство или се вработуваат во странски компании, работат преку интернет, работат на проекти) се јавуваат прашања поврзани со пензиското осигурување. За таа цел, КБ Прво пензиско друштво започна со едукација и информирање на својот профил на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Линкедин“.
Граѓаните покажуваат интерес да добијат конкретни одговори на своите прашања, но не знаат кому и каде да се обратат. КБ Прво пензиско друштво ги собра сите прашања и одговори на едно место и ги публикува во печатена и во електронска верзија на својата веб-страница и социјалните мрежи, со цел да обезбеди пристап до информации при едноставно пребарување на интернет.
Нудите е-часови како придонес за едукација на населението. Што всушност значи ова?
Весна Стојановска: Што се инвестиции, каде да инвестираме, инвестиции во акции на берза, „блу чип“ инвестиции, депозити или хартии од вредност се многу чести прашања.
Пензиските друштва се експерти во инвестициските стратегии. КБ Прво пензиско друштво има знаење кое сака да го сподели со широката популација. За таа цел, развивме е-часови како дел од нашата општествена одговорност за придонес кон едукација. Е-часовите се анимиран материјал кој ќе биде објавен на нашиот профил на социјалните мрежи и на „Јутјуб“. Така ќе бидеме достапни за сите, посебно за студентите.
Какви се плановите за развој на компанијата до крајот на годината?
Весна Стојановска: Од перспектива на резултатите од првиот семестар на 2018, очекуваме да ја завршиме годината со позитивни финансиски параметри согласно проектираното. Очекуваме зголемување на бројот на членови и во вториот и во третиот пензиски столб, како и обезбедување солиден принос и во двата фонда. Нашите планови се насочени кон јакнење на корпоративното управување, позитивен раст на портфолиото на средства вложени во втор и во трет столб, вложување во своите вработени и најважно едукација, подигање на свеста кај севкупното население за придобивките и предностите на капитално финансираното пензиско осигурување.
Предраг Милошевски: Во втората половина на 2018 планираме тесна соработка со универзитетите, посебно со факултетот за економија во делот на пракса, обука и волонтирање на студенти во КБ Прво пензиско друштво со дел да се здобијат со практична работа, и тоа преку годишен редовен план.
Подготвуваме и интерна акција - „ПРВО тргни од себе“, како социјално одговорна пракса на вработените, каде што секој последен петок од месецот тимски ќе волонтираме и ќе даваме помош во доменот на животната средина.