Денес во средното училиште „8-ми Септември“ трите пензиски друштва Сава пензиско друштво а.д. Скопје, КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје и Триглав пензиско друштво а.д. Скопје го засадија првиот „Пензиски парк“, во рамките на новата кампања „Засади желба за поубава иднина“.
„Велат, ако размислувате долгорочно, засадете дрво, а ако размислувате уште подалеку, тогаш едуцирајте ја младината“ – ова беше една од водечките изјави на стартот на новата едукативна и информативна кампања со која пензиските друштва го објаснија мотивот за изнаоѓање креативни начини за продлабочување на свеста на младите за обезбедување материјална сигурност.
Оваа идеја денес тие ја прикажаа во пракса во СУГС „8-ми Септември“ во Скопје. Дел од вработените во пензиските друштва ги засукаа ракавите и им покажаа на учениците дека секоја денешна постапка може да биде инвестиција во процесот на градење поубава иднина на долг рок. Започнаа од чистење на дворот во училиштето и ја подготвија почвата, по што засадија 15 средно созреани листопадни садници, за чија понатамошна грижа ќе бидат задолжени учениците.
- Во период на будење на глобалната свест за последиците од загадувањето на животната средина, особено е значајно сите на различни начини да ја поддржиме оваа иницијатива. Ние како пензиски друштва во кои членуваат повеќе од половина милион граѓани, го препознавме моментот и безрезервно го прифативме концептот на оваа кампања „Засади желба“, која ќе резултира со креирање пензиски паркови во повеќе училишта низ државата, со идеја да стане традиционална активност.
Денес започнуваме од училиште кое се наоѓа во населба во Скопје која често се појавува на листата со населби со најзагаден воздух и мораме да пронаоѓаме начини да ги заштитиме децата кои секојдневно престојуваат во ова училиште. На овој начин, од една страна, ќе придонесеме за будење на еколошката свест кај младите, истовремено ќе ги едуцираме за нивните идни права и обврски за членување во пензиски фондови и ќе придонесеме за почист воздух и поубава иднина - изјави д-р Петар Талески, член на Управен одбор на Сава пензиско друштво а.д. Скопје.
- Задоволство и чест ми е што токму нашето училиште е едно од четирите избрани во проектот „Засади желба за поубава иднина“, за што сакам посебно да им се заблагодарам на пензиските друштва. Ова го прават на вистинско место бидејќи во последните три години вложивме големи напори и ние професорите, а и учениците, за да го средиме дворот да изгледа вака како што го гледате денес. Но, нема да застанеме тука, ќе продолжиме да вложуваме, овој пат преку садење дрвја кои се симбол на живот, иднина. Тоа е и пораката која пензиските друштва сакаат да ја испратат до младите генерации, дека секоја инвестиција еден ден ќе им се врати, како што за нас постарите минатите вложувања ќе обезбедат сигурност за поквалитетен живот, која токму овие друштва ни ја даваат преку нивната работа - изјави директорот на СУГС „8-ми Септември“, Кенан Асани.
Со овие пораки пензиските друштва и директорот на училиштето ги поздравија учениците и им ја предадоа одговорноста за пензискиот парк.
Сава пензиско друштво а.д. Скопје, КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје и Триглав пензиско друштво а.д. Скопје веќе 6 години организираат едукативни и информативни кампањи за придобивките од членувањето во задолжителниот и доброволниот пензиски фонд кои се насочени кон целото население.
Оваа година со кампањата „Засади желба за поубава иднина“ тие прават чекор повеќе со вклучување разновидни едукативни и општествено-одговорни активности.
Во периодот што следува преку кампањата „Засади желба за поубава иднина“ пензиските друштва, со поддршка од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), ќе создадат пензиски паркови во уште три средни училишта: СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ – Охрид, СОУ „Кочо Рацин“ - Свети Николе и СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“ – Скопје.
Но, велат дека ова е само почеток. Тие се стремат кон тоа општествено одговорните активности да станат редовна практика за да се опфатат што е можно повеќе училишта низ државата во кои ќе заживее грижата за иднината преку симболиката на зелените паркови.
Сите информации и активности поврзани со кампањата „Засади желба за поубава иднина“ ќе бидат достапни на веб-страницата
www.penzija.mk.
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229,
www.mapas.mk