На голем број пензионери во Хрватска во последните неколку месеци им стигнуваат решенија од Пензискиот завод со кои им се утврдуваат нови, значително пониски пензии од оние што ги примале претходно.
Станува збор за пензионери кои дел или целиот работен стаж го оствариле во некоја од републиките на поранешна Југославија.
Според хрватските медиуми, на овие пензионери дури сега, 30 години по распадот на поранешната држава и 20-ина години од склопувањето на договорот со кој се регулира меѓудржавното социјално осигурување на таа територија, им се ажурираат износите на пензиите, и тоа резултира со значително пониски износи.
Според неофицијални податоци, станува збор за околу 2.000 лица, а главната причина што ова се прави дури сега е тоа што за одредени пензионери од БиХ и од Србија пресметките се чекале и по 15 години, велат од хрватскиот Завод за пензиско осигурување.
- Ми стигна решение според кое пензијата од минатиот месец ми е пониска за дури 1.100 куни (околу 150 евра), па наместо 3.750 (околу 500 евра), ќе земам 2.657 куни (околу 360 евра). За мене тоа намалување е големо, а не разбирам која е причината за тоа намалување сега, по толку години откако сè беше дефинирано - вели Антонија З., 71-годишна пензионерка од Загреб, која на крајот од минатата година од хрватскиот Завод за пензиско осигурување добила ново
решение.
Таа е корисничка на фамилијарна пензија, која ја наследила од покојниот сопруг, кој имал повеќе од 37 години работен стаж. Поголем дел од стажот, 20 години и 1 месец, нејзиниот сопруг го остварил на подрачјето на Хрватска, додека 9 години и 5 месеци работел во Србија, а 7 години и 11 месеци во Босна и Херцеговина.
На Антонија од Заводот ѝ објасниле дека тоа е последица на примената на меѓудржавните договори со Србија и БиХ, но никој не ѝ објаснил зошто пензијата ѝ е намалена за дури 1.100 куни.
- Само ми рекоа дека тоа требало да го направат уште во 2011 година - вели таа.
Според неофицијалните информации, има уште околу 2.000 пензионери во Хрватска чии пензии не се усогласени со меѓудржавните договори, што значи дека и тие можат да очекуваат помали примања или сега да добијат решенија за нив. Причината е тоа што пензијата досега им се исплаќала како да е целосно заработена во Хрватска.