X
 29.08.2019 Наука

Директорот на НАСА повторно го прогласи Плутон за планета

Статусот на Плутон како планета повторно беше доведен во прашање откако шефот на НАСА изјави дека смета дека ова небесно тело е планета.

Говорејќи на настан во Оклахома, Џим Брајденстајн изјави дека стои цврсто зад ставот дека Плутон е планета.

- Само да знаете, Плутон, според мене, е планета. Можете да напишете дека директорот на НАСА повторно го објави Плутон за планета. Стојам зад тоа. Така ме учеа, а јас сум ангажиран во борбата за враќање на планетарниот статус на Плутон - изјави раководителот на американската вселенска агенција, Џим Брајденстајн.

Плутон е откриен на 18 февруари 1930 година од американскиот астроном Клајд Томбо. Во тоа време се знаело исклучително малку за оддалечениот објект и тој бил прогласен за деветтата планета во Сончевиот Систем.

Планетарниот статус сепак му беше ставен под знак прашалник 62 години подоцна, откако во истиот регион на Сончевиот Систем беа откриени други, слични по големина објекти. Во 2005 година астрономите открија планета-џуџе наречена Ерида, која е за 27 отсто поголема од Плутон.

Една година подоцна Меѓународниот астрономски сојуз ја изложи официјалната дефиниција за тоа што претставува планета. Имено, тогаш Плутон го изгуби својот статус на планета. Научниците официјално го прогласија Плутон за „планета-џуџе“. Многу луѓе сепак останаа незадоволни од ваквата преквалификација.

Во 2015 година мисијата „Нови хоризонти“ на НАСА направи неколку големи открија кои ѝ додадоа масло на дебатата. Сондата откри дека Плутон има сопствена атмосфера, специфична клима и терен со планини и рамнини. Откриено беше дури и присуството на замрзната вода. Научниците исто така го потврдија присуството на дини од метан и дури го претпоставуваат постоењето на подземен океан од течна вода.

Алан Стерн, раководителот на мисијата „Нови хоризонти“, повика на Плутон повторно да му биде вратен статусот на планета. Научникот е убеден дека за планета треба да биде сметан секој објект што нема јадрена синтеза и кој поседува доволно гравитација за да има сферична форма. Противниците на тоа Плутон да биде планета објаснуваат дека тогаш за планети треба да бидат признаени и природни сателити како Месечината, како и објекти од Астероидниот појас - како Церера или објекти од Појасот на Кајпер, како Ерида, Седна и Макемаке.

Според некои истражувачи, неправедно е објекти како Титан и Ганимед да не се планети, во ситуација во која се доста поголеми од Меркур. Титан има атмосфера двапати погуста од таа на Земјата, како и реки и мориња од течен метан. Ганимед е малку помал од Марс, но за разлика од Црвената Планета има свое активно магнетно поле.

Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука