Од крвната група може да зависи дали ќе имате зголемен ризик за срцев удар предизвикан од високите нивоа на аерозагадување, стои во најновата студија на оваа тема.
Варијанта на АБО-генот, кој може да биде најден во крвните групи А, Б и АБ, е поврзан со зголемениот ризик од срцев удар во периоди на големо загадување на воздухот, додека, пак, луѓето со крвна група О имаат помал ризик.
Научниците анализирале податоци од пациенти од 1993 до 2007 година, па идентификувале некои што искусувале акутен коронарен синдром поради изложеност на ПМ 2,5 нивоа на концентрација на штетни честички во воздухот. Откриле дека носителите на АБО-варијантата наречена „rs687289 A allele“ имаат значително повисок ризик за срцеви проблеми поради загадувањето.
Нивото на ризик расте кај сите кога концентрацијата на штетните честички ПМ 2,5 е над дозволената, односно над 25 микрограми на кубен метар. За сите дополнителни 10 микрограми ризикот кај лицата со крвна група А, Б и АБ се зголемува за 25 проценти, а кај крвна група О за 10 проценти.
Не е првпат крвните групи да се поврзани со кардиоваскуларните проблеми. И порано се потврдувало дека луѓето од другите крвни групи, освен О, имаат зголемен ризик за кардиоваскуларни заболувања, но не било утврдено која е причината за ова
откритие. Сега научниците сметаат дека новите сознанија не треба да предизвикаат паника, туку да ја зголемат свеста и да се преземат мерки за превенција. Секако, потребно е да се преземат мерки и за справување со аерозагадувањето.