X
 29.08.2021 Здравје

„Морам“ е товар, реченицата започнете ја со „би било добро...“

Човековиот мозок реагира на нешто што се нарекува „негативна пристрасност“ и лесно ги детектира нештата и ситуациите кои се закана за него и го загрозуваат. Затоа е важно што зборуваме.

Процесот на елиминација на негативниот став кон животот може да се смени со користење на зборови кои во себе имаат позитивно и мотивирачко дејство, наместо оптоварување. Едноставно, сè што ќе изговорите се насочува не само кон другите луѓе, туку директно комуницира и со вашиот мозок, кој, на основа на значењето на изговореното, започнува исти процеси со целосно различна енергија, во зависност од формулацијата.

Мозокот реагира на она што ни се заканува, нè плаши и загрозува

Скот Би, психолог од Кливленд, објаснува дека мнозинството разговори денес базично ја карактеризираат потребата луѓето да се пожалат едни на други. Кога главно секој разговор започнува на тој начин, големи се шансите и целиот тек да го задржи истиот тон - жалење, кукање, чувство на самосожалување и добивање потврда дека сте во право.

Човековиот мозок, од друга страна, реагира на нешто што се нарекува „негативна пристрасност“ и лесно ги детектира нештата и ситуациите кои за нас се закана и нè загрозуваат, какви што се наведени. Тоа на некој начин е враќање на корените во времето на нашите далечни предци, кога способноста за уочување на опасностите и реакциите биле пресудни за опстанок.

Затоа, обидете се да земете длабок здив пред да го изговорите она што сакавте да го кажете и сконцентрирајте се на тоа секогаш да имате некоја афирмација која е позитивна на почетокот, наместо тоа да биде нешто поради што веднаш би имале потреба да се пожалите, дури и ако станува збор за објективен проблем. Тоа, според Би, е лесна замка во која сите без исклучок паѓаме, а која влијае врз хемиските реакции во нашиот мозок.

И минималната вербална игра има големо значење

За среќа, велат научниците, дури и минималното прилагодување на јазикот и изговорените зборови може да помогнат. Едноставно, наместо да кажете „морам“, кажете „би требало да...“ или „би било добро да...“. Тоа е еден од маркетиншките трикови што ја менува перцепцијата на купувачот и влијае тоа да не биде наметнување, туку сугестија која би можела да влијае човекот да се чувствува подобро, поубаво и покорисно.

А еве зошто тоа функционира. „Морам“ уште на почетокот звучи како товар, додека „би било супер да...“ означува можност, шанса, прилика, велат психолозите. Нашиот мозок многу силно реагира на начинот на кој го користиме јазикот кога зборуваме и си играме со мислите формирајќи понатамошни реакции, однесување и дејствување. Овој начин, додаваат психолозите, со обврската која не е спорна, носи и чувство на можност за нови искуства, што за нас има позитивна корист и прави разлика меѓу закана и предизвик.

Малку труд за огромен ефект

„Морам“ не е единствената фраза која би требало да ја занемариме и заборавиме. Себеси (но и на пријателите) поставете си еден вид предизвик за поинакво формулирање на она што го изговарате, без претерување, со истата смисла и порака, но со друг тон и облик.

Можете да кажете „осамен сум“ или „несреќен сум“, но можете да кажете и „да, имаше некои лоши моменти“ или „имав неколку тажни денови“. Сето тоа може да го презентира, но и олесни начинот на кој го доживуваме животот и нашата позиција во него. Иако првата перцепција може да испрати сериозна порака дека некој не се чувствува добро, втората остава повеќе простор за подобрување, а многу веројатно дава и пореална слика за моменталната ситуација со оглед на тоа дека кога сакаме да се пожалиме, често и претеруваме. Тоа секако не значи дека ваквите пораки треба да се занемарат, но и на нив треба да се стави соодветен филтер за проценка на сериозноста, со малку труд и волја ситуацијата да се сврти во наша корист.

Извор: eklinika.rs
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје