7-годишниот Патрик има освоено многу пехари, медали и признанија. Го има освоено првото место на државен натпревар, а потоа и на Светско првенство по ментална алгебра.
Во конкуренција со повеќе од 700 деца од целиот свет, на Светското првенство организирано во јули во Москва, Патрик победи и освои златен медал. Натпреварот траел само 5 минути, а секое дете морало да реши 70 задачи.
- Се чувствував фантастично, супер. Бев многу среќен. Не нѐ прозиваа, туку го видов моето име напишано на екранот. Се воодушевив кога сфатив дека сум прв - се потсетува Патрик и со срамежлив поглед и тивок глас признава дека победата не го изненадила.
- Искрено, очекував да победам - вели тој.
Неговата мајка Петра, чиј син официјално е најпаметното дете во светот, гордо додава:
- Не можев да верувам колку е самоуверен. Ден пред натпреварот на хартија во хотелската соба напиша порака дека утре ќе стане светски шампион во ментална аритметика, што и навистина се случи - вели таа.
Фото: Igor Soban/Pixsell
Последните две години тој посетува часови за АЛОХА ментална аритметика. Станува збор за метода во која со користење абакус, пресметување на прсти или ментално, децата решаваат и најкомплицирани математички задачи.
- Со часовите по ментална аритметика Патрик разви способности за набљудување, слушање и примена на наученото и ја зголеми работната и долготрајна меморија. Освен што нуди пресметување на операции на абакус и решавање на задачи, оваа метода нуди и игри за помнење, игри во просторот и слично, за да се „разбие“ учењето - објаснува неговата мајка.
На претшколска возраст Патрик покажувал знаци на хиперактивност. Кога бил во последната година од градинка, неговата мајка почнала да истражува и брзо наишла на оваа програма на ментална аритметика.
- Кај Патрик напредокот се виде по шест месеци. Фокусот подолго време му остана на една работа - вели Петра. Патрик, пак, вели дека АЛОХА-програмата му е доста забавна.
На Светското првенство се натпреварувал во категоријата „Кидс 2“. Во својата група бил најмлад. За пресметување смеел да ја користи која било метода, па дел од испитите ги решавал ментално, пресметувајќи во главата, а дел пресметувајќи на прсти.
- Ментално ми е најтешко, а најлесно на абакус - вели.
За да се пласира на Светско првенство во Москва, прво на државниот натпревар во Самобор морал да освои одреден број поени. Патрик, според неговата мајка, е првото дете што откако во Хрватска постои АЛОХА-програмата, го преминало прагот на поени и успеало да освои пласман на Светското првенство.
Мајката на Патрик вели дека ни таа ни неговиот татко Зоран сѐ уште не се свесни колку е успешен нивниот син.
Патрик и неговата мајка Петра
Фото: Igor Soban/Pixsell
- Искрено, мислам дека ни Патрик не е целосно свесен. Знае дека е прв во светот, но сѐ уште не е во години кога може да сфати колку е тоа голема и значајна работа - вели Петра.
Патрик, еднаш неделно, по два часа, со тренерката Звјездана Будош учи и тренира ментална аритметика.
- Неговата тренерка вторпат по ред е најдобра во Хрватска во ментална алгерба. За да ја добие титулата, морала да има најголем број деца на државен натпревар што освоиле медали.
Во слободно време најпаметното момче во светот сака да игра паметни игри, па така често игра шах против компјутерот. Тој, исто така, посетува часови по борачки вештини - крав мага.
- Тоа е самоодбрана. Го положив првиот степен, а на вториот не можам да одам бидејќи сум премногу мал - вели Патрик.
Омилени предмети во училиште му се математика и мајчин јазик. Во иднина, вели дека сака да се занимава со нешто поврзано со математика и пресметување. Моментално се подготвува за
државен натпревар што ќе се одржи во Самобор во мај.