X
 20.09.2024 Наша тема

Кикбоксерката Марија Димовска е првиот јуниорски светски првак од Македонија: „Неописливо е чувството кога ја свират твојата химна по победа“

Марија Димовска е првиот јуниорски (помлад јуниор) светски првак од Македонија, а воедно и првата девојка што стана светски првак во кикбокс во светската организација WAKO, во која членува Македонската кикбокс и маитаи федерација.

Димовска во финалето на првенството со 2-1 ја победи израелската кикбоксерка Мија Лијамичев во дисциплината лоу-кик за млади јуниори до 60 килограми и успешно ги одбрани боите на македонската репрезентација.

Битолчанката Марија љубовта кон оваа борачка вештина ја наследила од најтесното семејство, односно од нејзиниот татко, кој воедно е и нејзин тренер.

- Може да се каже дека љубовта кој спортот е наследна. Како мала цело време бев воодушевена од татко ми и од неговите борби, па кога го отвори клубот за кикбокс „Energy“, веднаш почнав со тренинзи и за брзо време бев заљубена во спортот - вели новата светска првенка во категоријата помлад јуниор.

Во 2016 година почнала со официјални тренинзи за својот клуб и сфатила дека се работи за спорт кој бара многу напорна работа. Сепак, Марија не смета дека кикбоксот е најтешката борачка вештина.



- Јас мислам дека сите спортови се најтешки за тој што се занимава со нив, така и мене ми е најтежок кикбоксот и премногу се жртвувам за него, но не се согласуваат сите со тоа - вели Димовска.

Кикбоксот е вештина која некој спортист може да ја совлада за кратко време, но процесот може да потрае и неколку години. Сѐ зависи од неговиот талент, смета Марија.

- Зависи од талентот. Некој може за една година да покаже голем напредок и да биде подготвен за борба, а друг за две-три години. Јас лично почнав со борба по две години, во 2018 година – коментира младата кикбоксерка.

Патот од рингот дома до светската титула во Будимпешта бил кристално јасна цел уште за време на Европското првенство во 2023 година кога со тимот одлучиле дека треба да се бори во нова категорија каде што може да биде најдобра. И не погрешиле бидејќи во 2024 година Марија освојува само златни медали.

- Уште од ЕП 2023 знаев дека следен предизвик за кој ќе вложам сѐ е Светското првенство оваа година. На почетокот од оваа година симнав 10 килограми за да одам во нова категорија каде што ќе можам да бидам најдобра. Започнав со две злата на државно првенство и потоа редев само злата. Од европски куп, балканско првенство, прва професионална борба и светски куп, кој најмногу ми даде самодоверба дека ќе бидам светски првак – открива Марија.

Младата спортистка не размислувала за противниците на Светското првенство, туку се посветила на менталната подготовка за да стане светски првак.



Во полуфиналето по трет пат се сретнала со босанската натпреварувачка и знаела каков епилог ќе има таа борба. Во финалето против Израелката ѝ било многу потешко, но знаела дека ќе даде сѐ од себе и ќе победи.

А, кога стоела под државното знаме и се пеела македонската химна, чувството било неописливо за Марија.

- Навистина неописливо. Кога свиреше македонската химна за мене, чувствував огромна среќа и гордост знаејќи дека сум прв јуниор кој овозможи светот да слушне за Македонија во кикбоксот - со емоции раскажа нашата шампионка.

По мундијалот во Будимпешта, на Марија Димовска ѝ остануваат уште еден или два натпревара за да ја одржи формата. Следната година во план е да учествува на најдобрите европски и светски купови низ светот во првата полусезона, а потоа има нова цел.



- Влегувам во нова возрасна категорија - постар јуниор. Во план е да учествувам на најдобрите европски и светски купови низ светот во првата полусезона, а во втората да станам европски првак. Спортот е мојот живот и жртвувам премногу работи за него бидејќи премногу го сакам овој спорт и желбата за успех ми е поголема од сѐ – откри Марија, која сѐ уште оди на училиште и поради преголемите обврски, може да си дозволи само понекоја дружба со пријателите за викенд.

Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема