Фондацијата „Конрад Аденауер“ од Германија во претстојната 2020 година и понатаму ќе биде значаен партнер на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола. Ова е потврдено на средбата меѓу проректорот за студентски работи на УКЛО и институционален Еразмус плус координатор проф. д-р Марјан Ѓуровски и директорот на Фондацијата за Република Северна Македонија и Косово, Јоханес Раи. Во разговорот е договорена реализација на Летен универзитет 2020, односно регионална школа со учество на студенти и професори, и продолжување на поддршката за активностите на Факултетот за безбедност-Скопје со одржување на Скопје форум за безбедност 2020 и спроведување на научноистражувачкиот проект „Индекс на безбедноста“.
Во име на Универзитетот, за досегашната соработка со Факултетот за безбедност и нејзино проширување во претстојната година се заблагодари проректорот на Универзитетот, професорот Ѓуровски, кој истакна дека на тој начин значајно се придонесува за зацврстување на македонско-германските односи, европските интеграции на земјата и поттикнување поголема соработка во академската област. Директорот Раи го истакна значењето на академската размена на студенти и професори која се спроведува преку проектите на Фондацијата, со што се дава придонес кон зацврстување на довербата во регионот и неговата европска интеграција.