Додека во Хрватска продолжува дебатата од каде би било прифатливо да се увезуваат работници за претстојната туристичка сезона, реалноста, според тамошните медиуми, е дека сезонската работа во Хрватска воопшто не е привлечна за странците. Според податоците од Хрватската стопанска комора, од 4.660 работни дозволи за странски работници во туризмот што ги нуди државата не е искористена ниту една третина.
- Иако потребите за работници се далеку поголеми од одобрените квоти, според податоците на Министерството за внатрешни работи, на 6 април 2018 година биле користени само 1.188 квоти - истакнаа од Хрватската стопанска комора.
Најголем број слободни работни места за странци има во рестораните и во хотелите (3.715) за помошници-готвачи и келнери, како и за чистачки и собарки.
- Квотите не се исполнети бидејќи во соседните земји, како и во Хрватска, поради масовната емиграција во развиените земји на ЕУ, нема повеќе на располагање работна сила која може да се мобилизира за потребите на туризмот - додаваат од Стопанската комора.
Фото: Pixabay
Во Туристичкиот деловен совет, решението за проблемот, меѓу другото, го гледаат и во склучувањето билатерални договори со, како што предлагаат, некои од соседните земји за увоз на работници.
Се проценува дека ниту оваа година Хрватска нема да може сама да обезбеди околу 150.000 работници само за туризмот и угостителството, како и за гранките што имаат потреба од работници поради сезоната.
- Од првиот ден велам дека увозот на работници не е решение за недостигот на труд во туризмот - коментира претседателот на Синдикатот за туризам и услуги, Едуард Андриќ.
Увозот на работниците, според него, во еден момент му се видело како решение некому, бидејќи веројатно видел дека тоа се прави и во други земји-членки на ЕУ.
- Сега се гледа дека идејата за странски работници е промашување. Слабиот интерес за работа во Хрватска, за жал, е последица на чиста пресметка. Келнер во Австрија, на пример, може да смета на плата од 1.800 евра, плус сместување и храна. Кај нас може да добие шест до седум илјади куни (800-950 евра) без платени сместување и храна - коментира Андриќ.
Тој смета дека одобрените 4.660 работни дозволи не се решение за недостигот на работници ако некој сака проблемот да го реши со увоз. Андриќ оценува дека потребите се двојно повисоки.
- Вистинските потреби се околу 15.000 работници кои недостигаат во малите обрти, фаст-фуд сендвичарници, мали пекарници и слични угостителски објекти кои не ја пријавуваат потребата за работници во Заводот за вработување - вели Андриќ и додава дека затоа решението не е во увезувањето работна сила, туку во обезбедувањето услови за оние што веќе работат во туризмот и угостителство.
Поголемите плати за вработените во угостителството и во туризмот, сугерира Андриќ, може да се обезбедат со намалување на давачките, елиминирање на парафискални трошоци и даночни олеснувања.
- Платата на добар готвач во хотелот е околу 18 илјади куни, што е околу 36 илјади куни бруто за нашиот работодавец. Такво даночно оптоварување нема ниедна земја во околината, па и пошироко. Туризмот во даночната политика го нема она место што му припаѓа и тоа е извор на сите проблеми. А не знам што би се случило со економијата на оваа земја и нејзините јавни финансии ако ги нема приходите од туризмот - заклучува
Андриќ.