На летното сонце деновиве созрева зрнестото овошје. Можеби тоа за многумина е нерелевантен податок, но за жителите на хрватското село Молве е еден од поважните. Всушност, токму таму е една од најголемите хрватски плантажи за малинки, јагоди, рибизли, аронија и гоџи. Сите овие плодови се мали, но работата со нив може да биде доста голема. Пример за тоа е бизнисот кој 14 години со страст и посветеност го води Здравко Иванчан.
- Сѐ започна во 2004 година кога магистрирав на Земјоделскиот факултет во Загреб. Можев да одбирам помеѓу понудената работа на факултетот или да се вратам во Подравина, и јас донесов одлука - се враќам дома. Надвладеаја љубовта кон Молве и животот и работата во сочувана животна средина - вели 39-годишниот Здравко.
Тој одлучил да одгледува малинки поради идеалната клима и песочното земјиште, кои нудат исклучителен квалитет на производите.
- Отсекогаш сакав да докажам дека вообичаеното земјоделско-сточарско производство може да се замени со поисплатливото производство на малинки, но со многу повеќе вложено знаење и работа. Во тоа време производството беше предизвик, а малинките уште повеќе затоа што никој не ги одгледуваше во нашиот регион - вели тој.
Очигледно тогаш 25-годишниот Здравко донел многу мудра одлука. Денес, заедно со неговата сопруга Мирјана, води сопствен бизнис, а насадите се простираат на 20 хектари земјиште и годишно произведуваат околу 50 тони, од кои 15 тони малина.
Здравко објаснува како со одредени компании има долгогодишна соработка и додава дека неговите овошки се органски и еколошки. Чуваат и крави, кои најмногу се користат за производство на ѓубрива.
- Со тоа сакаме да останеме доследни на природниот начин на одгледување овошје и да имаме екстра квалитет на производите по кои веќе сме надалеку познати - вели Здравко.
Но, како всушност настануваат овие малинки? Судејќи според еден работен ден, на Здравко и не му е толку лесно.
- Станувам секој ден во шест часот. Сопругата и јас со утринското кафе ги планираме работите за тој ден: од хранење на кравите, до работата во овоштарникот во текот на денот. Работниот ден неретко трае до 22 часот - вели Здравко, кој во текот на целата година бере малинки во својот овоштарник.
Тоа му успеало со внимателен избор на сорти.
- Ние одгледуваме малинки од секакви сорти. Многу се едуцираме и инвестираме секоја година во производство преку садење нови насади со нови сорти на малинки - вели Здравко, додавајќи дека бербата не е единствената голема работа околу малинките.
Имено, по бербата наесен следува поткаструвањето, па зимската заштита и засадувањето на нови насади со најновите сорти за кои тој верува дека дополнително ќе го подобрат производството за неколку
години.
Фото: Telegram