X
 29.12.2024 Живот

Во случај на нуклеарна војна богатите би можеле да се скријат тука

Еден германски инвеститор предизвика бес со неговиот план да претвори тунелски систем од Втората светска војна во луксузен бункер за богатите кои се плашат од трета светска и можна нуклеарна апокалипса. Тунелите биле изградени од затвореници од концентрациониот логор „Лангенштајн-Цвајберг“, а нивните потомци жестоко се противат на плановите.

Семејствата на затворениците што го граделе тунелскиот систем за време на нацистичкиот режим се ужасени од идејата на германскиор инвеститор да изгради луксузен бункер таму.

Во рамките на проектот, кој инвеститорот го нарече „Малахит“, на богатите им се нуди подземен простор кој се простира на 70.000 квадратни метри, а предвидено е да има лекарска амбуланта, училиште, казино, кафуле, сала за вежбање и бања. Исто така, би требало да биде обезбедено вештачко изгрејсонце и зајдисонце.

1
Фото: Bunker Coin

Апартманите ќе бидат слични на луксузно сместување на јахта, а храната ќе биде одгледувана во затворен простор.

- Нашата цел е да трансформираме град кој има темно минато во град на светлината, довербата и надежта - се вели на веб-страницата на проектот.

За да добијат пристап до луксузниот бункер во случај на војна, клиентите ќе мора да купат таканаречени „бункер-парички“. Една паричка овозможува еден кубен сантиметар простор. Според оваа пресметка, помала соба би чинела половина милион евра.

Инвеститор е Питер Карл Југл, за кој германските медиуми пишуваат дека во минатото бил поврзан со екстремната десница. Неговата компанија „Глобал проект-менаџмент“ е специјализирана за купување недвижности за време на катастрофа, а поседува и апликација за онлајн запознавање и хотел.

Во 2019 година Југл купил тунелски систем кој служел како складиште за муниција. Тој вели дека не сфаќа зошто луѓето се толку вознемирени и додаде дека постојано е навредуван и добива закани.

- Градам објект за спасување човечки животи во итни ситуации, а овие подземни тунели немаат никаква врска со логорот оддалечен два километра - вели Југл.

bunker
Фото: Bunker Coin

Со ова не се согласуваат потомците на затворениците во логорот, кои посочуваат дека единствена причина за постоењето на логорот била изградбата на блискиот тунелски систем. Тие веруваат дека Југл го интересираат само парите, а не спасувањето животи во случај на катастрофа.

Геро Федке, кој е задолжен за меморијалната област на логорот „Лангенштајн-Цвајберге“, вели дека проектот е несоодветен начин за справување со историското наследство на тунелот. Од министерството за култура велат дека не добиле никакво барање за градежна дозвола за бункерот.

Извор: 6yka.com
Фото: Bunker Coin
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот