X
 09.03.2022 Култура

Дали некој филм реално ги прикажал последиците од нуклеарна војна?

Откако рускиот претседател Владимир Путин ја нападна Украина, се зголемуваат стравувањата дека оваа војна може да заврши со нуклеарен конфликт. Ескалацијата на насилството во Украина и сѐ посилните санкции против Русија ги загрижија луѓето дека Путин би можел да возврати на најлош можен начин. Минатата недела Путин рече дека нуклеарното оружје на Москва е ставено во „висока готовност“ поради западните економски санкции и никој не се осмели да верува дека тој блефира.

Поради страв од потенцијална нуклеарна војна, многумина се прашуваат како да се подготват, што да очекуваат и што значи нуклеарна војна. Светот никогаш не доживеал катастрофален настан како што е нуклеарна војна, па затоа се потпираме на историјата, науката и имагинарни адаптации кои ни даваат одреден увид. Но, пред да почнете да гледате филмови кои ја прикажуваат нуклеарната апокалипса, треба да знаете дали има вистинска наука зад тие филмови.

За подобро разбирање, аналитичарот за нуклеарна политика на RAND, д-р Едвард Гејст за „Индепендент“ ја објасни прецизноста на седум популарни филма за нуклеарна војна.

„Нишки“ (англ. Threads) од 1984 година го следи животот на едно семејство откако измислената нуклеарна војна меѓу Обединетото Кралство и Советскиот Сојуз го уништи најголемиот дел од Обединетото Кралство. Не само што филмот се фокусира на директните последици од нуклеарната војна туку го прикажува периодот една година по ударот, а потоа и 10 години подоцна, за да укаже на еколошкото и биолошкото влијание на нуклеарното оружје.



„Денот потоа“ (англ.Тhe Day After) од 1983 година ги прикажува тензиите меѓу САД и Советскиот Сојуз кои ескалираат до целосна нуклеарна војна, предизвикувајќи жителите на Канзас Сити во Мисури да се подготват за најлошото. Семејствата се разделени, а преживеаните се соочуваат со долгорочни ефекти од радијацијата.



„Без грешка“ (англ.Fail Safe) од 1964 година го следи дејството за време на Студената војна. Филмот ја истражува идејата за случајна нуклеарна војна. Техничка неисправност предизвикува група американски бомбардери да ја нападнат Москва со нуклеарни бомби, а американскиот претседател не може да контактира со бомбардерите за да ги информира за забуната. Знаејќи дека советите ќе возвратат со сите сили, претседателот одлучува да го бомбардира Њујорк за да спречи општа нуклеарна војна.



„Взори“ (англ.By Dawn’s Early Light) од 1990 година - Советскиот Сојуз лансира балистичка ракета кон САД откако погрешно претпостави дека САД го започнале нападот. Американскиот претседател е принуден да одлучи дали да се одмазди на случајниот напад, но се чини дека е мртов, со што на власт е нов претседател кој сака да ја продолжи војната.



„Пред твојата врата“ (англ. Right at Your Door), 2006 година - филмот го следи преживувањето на еден човек по детонирањето на „валканите бомби“ низ Лос Анџелес. Полицијата им кажува на луѓето да останат дома за да ги избегнат токсините од бомбите што содржат непознат вирус. Еден човек мора да сфати како да преживее додека ја штити својата сопруга, која била изложена на отрови.

„Тестамент“ (англ.Testament), 1983 година - ненадејна нуклеарна бомба паѓа врз Калифорнија, а граѓаните немаат време да се подготват. Едно семејство го преживеа нападот, но се соочува со предизвици во наредните денови, вклучително и труење со радијација.



„Поделбата“ (англ.The Divide), 2012 година - филмот следи осум станари кои се кријат во подрумот на една зграда по нуклеарна експлозија. Меѓутоа, групата брзо сфаќа дека нешто позлобно се случува кога научниците ќе почнат да ги користат за експериментирање.



Колку се воопшто реални филмовите за нуклеарна војна?

- Главната работа што треба да се има на ум кога се оценува реализмот на приказот на нуклеарната војна е дека постои огромна количина на несигурност за тоа каква би била вистинската нуклеарна војна. Единствениот вистински случај од кој можеме да извлечеме заклучоци е нападот врз Јапонија на крајот на Втората светска војна, дека употребата на нуклеарно оружје во денешното опкружување би била слична - вели докторот.

Добри вести за оние што со страв гледаат филмови за нуклеарна војна - немаме причина да веруваме дека се точни.

- Овие филмови се стари со децении и некои аспекти од нив, кои ја отсликуваат ерата во која се направени, повеќе не ги прикажуваат работите онака како што се прават денес.

Дали некој од овие филмови предвидува почеток на нуклеарна војна?


- Неизвесноста за тоа што би била нуклеарна војна се сведува на политичките претпоставки за тоа како и зошто ќе се користи нуклеарното оружје - вели д-р Гејст.

Филмовите како „Без грешка“ и „Взора“ покажуваат нуклеарна војна која започнува затоа што политичките лидери изгубиле контрола над командата или направиле невнимателни грешки.

- Сите овие идеи се дизајнирани за возбудливи филмски заплети, но мислам дека би било тешко да ги наречеме реални. Сепак, иако напорно се трудиме да ги спречиме сите очигледни начини на кои замислуваме дека може да започне нуклеарна војна, вистинска нуклеарна војна може да започне со некој почуден настан од која било фикција - вели Гејст.

Дали некој од овие филмови ги прикажува нападите на реален начин?


- Моделите што ги користиме за да ги предвидиме ефектите од нуклеарните експлозии (зрачење, експлозии, топлина, последици) содржат големи несигурности. Основните феномени се крајно комплицирани и бидејќи атмосферското нуклеарно тестирање беше забрането пред неколку децении, не можеме со сигурност да ги потврдиме моделите.

Секој филм има различен пристап кон нападите на различни локации.

- Непосредните ефекти од различните можни нуклеарни напади во голема мера се разликуваат во зависност од тоа која е целта, како е извршен нападот и со колку оружје - вели Гејст.

Во филмот „Пред твојата врата“, „валкани бомби“ се фрлаат во центарот на Лос Анџелес и се ослободува радиоактивен материјал, но д-р Гејст вели дека тоа би било многу малку веројатно.

Дали некој филм реално ги прикажува последиците од нуклеарна војна?


- „Денот потоа“, „Нишки“ и „Тестаментот“ се познати по нивното прикажување на последиците, особено ефектите од радиоактивните падови и труењето со радијација. Приказот на луѓе кои се кријат од врнежите во „Ден потоа“ и „Нишки“ е всушност доста убедлив - објаснува д-р Гејст.

Во „Денот потоа“ преживеаните од почетниот нуклеарен напад трпат труење со радијација кое е неизлечиво, бавно и болно. Слично е и во „Тестамент“, каде што радиоактивните последици предизвикуваат поголемиот дел од населението да страда од ефектите на зрачењето - децата умираат, а постарите брзо развиваат деменција.

„Нишки“ покажува како изгледа светот една година и 10 години по нуклеарната војна. Филмот замислува дека луѓето брзо умираат и не можат да се размножуваат, што доведува до нагло намалување на популацијата. Во „Поделбата“ луѓето што биле изложени на зрачење ја губат косата.

Што е со нуклеарната зима?


- Нуклеарната зима е сè уште контроверзна. Во неодамнешната литература се води жива научна дебата за тоа. Претпоставката е дека нуклеарните експлозии ќе создадат пожари кои би можеле да носат чад до горниот дел од атмосферата каде што нема атмосферско влијание и дека чадот би можел да остане во стратосферата со години, блокирајќи ја сончевата светлина да стигне до површината на Земјата. Нема несогласување дека многу црн чад во горниот дел од атмосферата би предизвикал голем ефект на ладење. Дебатата е дали можните нуклеарни војни ќе резултираат со мали или големи количини на овој чад во горната атмосфера“.

Тоа е поентата од филмот „Нишки“, кој шпекулира дека ќе се создаде дупка во озонската обвивка што ќе го направи сонцето крајно опасно кога ќе се појави повторно по нуклеарна зима.

- Научната процена покажа дека опасностите што би ги претставувало осиромашувањето на озонската обвивка и зголемената изложеност на УВ-зрачење во постнуклеарната средина веројатно биле претерани во извештаите за тревога од раните 80-ти години - вели Гејст.

- Лично, јас сум агностик, јасно ми е дека некои нуклеарни напади врз одредени цели би можеле да создадат огнена бура што веројатно би испратила значителни количини чад директно во стратосферата - вели тој.

Значи, факт е дека немаме идеја како би изгледала нуклеарната војна. Се разбира, филмовите можат да ја истражат идејата за нуклеарна војна, но честопати го драматизираат нејзиниот исход за да нѐ забавуваат.

Извор: Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура