X
 30.01.2022 Наука

Студија потврди дека мозоците на мачките се помали од порано

Како што мачките биле припитомувани во текот на изминатите околу 10.000 години, нивните мозоци значително се намалиле, потврдува нова студија. Ова откритие може да доведе до нови важни увиди за тоа како животните се адаптираат кога се чувани од луѓето.

Истражувачите ја споредиле големината на черепите на домашните и на дивите мачки од Европа и Африка, за кои сега генетски е потврдено дека се видови од кои полека еволуирале домашните мачки.

Тимот ги анализирал и хибридите од диви и домашни мачки и утврдил дека големината на нивните мозоци е помеѓу големините на мозоците на другите две групи, што е уште една индикација дека припитомувањето води кон промени.

- Нашите податоци посочуваат дека домашните мачки навистина имаат помал волумен на черепот (што посочува на помали мозоци) во споредба и со европските диви мачки (Felis silvestris) и со дивите претходници на домашните мачки, африканските диви мачки (Felis lybica) - објаснуваат истражувачите во нивниот труд.

Тие додаваат дека утврдиле оти хибридите од домашни мачки и европски диви мачки имаат череп чија големина е меѓу големините на оние на двата вида претходници.

Големината на мозоците на мачките е нешто што истражувачите го разгледуваат уште од 60-тите и 70-тите години и овој тренд на помали мозоци кај припитомените животни исто така е набљудуван и кај овците, кучињата и зајаците.

Со истражувањето била испитувана и големината на непцата, но немало значителна промена меѓу домашните и дивите мачки во таа област.

Иако заклучоците на студијата не се целосно нови, тие ажурираат истражување кое во некои случаи е старо децении, па на научниците што работат на теориите за припитомување им се даваат нови податоци за интерпретација.

Истражувањето е објавено во „Ројал сосајети опен сајенс“.

Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука