X
 03.03.2018 Наука

Научниците открија што прави мозокот кога сме во бессознание

Од сите функции на мозокот, способноста да создава свесност е можеби најпредизвикувачка за сфаќање. За да можат подобро да разберат како нашата сива материја ја извршува оваа сложена задача, истражувачите од Центарот за наука за свесноста при Универзитетот во Мичиген набљудувале што прави мозокот кога преминува во бесвест.

Вие сега одлучивте да кликнете на оваа статија, да погледнете надолу и да размислите дали да продолжите да читате. Во меѓувреме, можеби околу вас има гласови, го чувствувате столчето под вашите нозе и кркорењето на вашиот стомак, но не мислите на тоа додека го читате текстот. Што и да е она што ве прави свесни за овие нешта и ви дозволува да владеете со одговорите, јасно е дека тоа нешто е поврзано со мозокот. Покрај тоа, сè уште има многу нешта што не ги знаеме со сигурност.


Фото: Pixabay

Еден начин на кој може да се истражи ова е да се спореди состојбата на свесност со онаа на бесвесност, како кога сме онесвестени пред операција. Без многу да размислуваме, можеме да претпоставиме дека несвесноста е како исклучување на свесноста преку исклучување на клучни делови од нашиот нервен систем. Но, анестезиологот Џорџ Машур не мисли така.

„Кога бев стажант, објавив теоретска статија во која сугерирав дека анестезијата не мора да функционира преку исклучување на мозокот, туку преку изолирање на процесите во одредени области од мозокот“, вели Машур.

Тој сепак сакал да ја тестира својата хипотеза и со неколку тимови направил неколку истражувања за да види точно што се случува во мозокот кога преминува од една во друга состојба, било тоа да е свесност било несвесност. Во последната студија Машур и неговите колеги набљудувале проток на крв во одредени нервни ткива користејќи скенери за магнетна резонанција, споредувајќи ги мерењата на 23 пациенти што биле под дејство на седатив, анестезија или во вегетативна состојба. Тие го набљудувале тајмингот низ делови од мозокот додека ги координираа дојдовните информации.

„Покажавме дека во раните фази на дејството на седативот времето на процесирање на информацијата станува многу подолго и локалните делови од мозокот стануваат поцврсто поврзани меѓу себе“, вели анестезиологот Ентони Хадец, еден од авторите на студијата.

За изготвување на втората студија тие мереле како информацијата всушност се интегрира во мозокот. За да може квантитативно да се опише мерењето на интеграцијата, истражувачката област позната како теорија на интегрирана информација користи вредност која се бележи со грчката буква пи. Се мисли дека во мозокот пи некако соодветствува со свесноста. Утврдувањето на овој број не е едноставна потрага, па истражувачите ја поделија задачата во попрактични чекори базирани на читања на електроенцефалограмот.

„Демонстриравме дека додека мозокот станува модуларен и има повеќе локални разговори, мерката на интеграција на информација почнува да опаѓа“, објаснува анестезиологот Ун Чеол Ли.

Резултатите од двете студии покажуваат дека пи (мерката на интеграција на информацијата) се намалува со намалувањето на тајмингот на комуникација низ различни делови на мозокот. Во конечниот извештај тие ги прегледале нивните резултати наспроти оние од најновата литература и го сумирале нивното разбирање за тоа како мозокот функционира за време на сонот, како кога сме под анестезија или кога ни е нарушена свеста.

„Откривме дека за време на бессознанието попречената поврзаност во мозокот и поголемата модуларност создаваат средина која е непријатна за видот на ефикасен трансфер на информации кој е потребен за свесност“, објаснува Машур.

Сето ова ни покажува дека разликата меѓу свесноста и бессознанието е многу посложена отколку што мислевме. А знаењето повеќе за процесите што нè прават свесни и будни може да ни помогне еден ден да решиме еден од најзагадочните таленти на мозокот - постоењето на свесноста.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука