X
 30.03.2019 Живот

Вистината за Ајнштајн: Дали познатиот физичар навистина паднал на тест по математика?

Гениите често се опишуваат како несфатени луѓе чии развојни патишта ги следат и одредени нелогичности. Дали верувате во тоа дека еден од најпознатите физичари на светот би можел да биде лош математичар?

На сите помалку или повеќе им е познат животот и делото на генијот Алберт Ајнштајн. Можеби не знаеме што претставува E = mc² или кое е суштинското значење на оваа формула, но, секако, оној што го постигнал неговото знаење од математиката и физиката да бидат општоприфатени и познати, мора да биде посебен.

Имињата како Исак Њутн, Галилео Галилеј и други стојат заедно со името на Ајнштајн кога станува збор за формирање на нашиот начин на размислување за светот. Сепак, неговото големо достигнување на полето на науката често се истакнува како изненадувачка појава: за Ајнштајн велат дека прво не покажувал особини на некој што би имал потенцијал да студира, а тој овие размислувања ги надминал во секоја можна смисла.

1
Фото: Wikimedia Commons


Најнавредливата легенда што е поврзана со школувањето на Ајнштајн е дека познатиот научник паднал по математика. Оваа приказна често се употребува како поттик на послабите деца, но вистината е малку покомплицирана.

Често се напоменува и податокот дека Ајнштајн бил дете со дислексија, поради што одел на терапија, а некои извори изнесуваат и податоци за проблеми со говорот и емоционалната контрола над говорот. Врз основа на шпекулации за неговото детство доста се полемизира и денес, дека поради неговите послаби способности заостанувал зад врсниците.

Од друга страна, Роналд В. Кларк и Абрахам Паис - писатели на биографијата на Ајнштајн, ги отфрлаат сите наведени шпекулации. Паис објаснува дека родителите на Ајнштајн биле загрижени за неговиот развој, но тој до периодот помеѓу втората и третата година бил способен да се изразува со целосни реченици.

Кларк во одбрана ја цитирал изјавата на синот на Ајнштајн, Ханс Алберт, кој во една пригода за својот татко рекол дека уште како момче бил прилично изолиран од светот. Ова звучи како типична слика за несфатен гениј. Можеби тој воопшто немал проблем со говорот, туку само не бил заинтересиран за тоа.

Интровертноста го следела низ целото школување. Во седмата година, кога го добил свидетелството со оценките, мајката на Алберт напишала: „Повторно е број еден, неговите оценки се брилијантни“, а понатаму се наведува дека Ајнштајн на 13 години бил задлабочен во филозофските дела и го читал Дарвин.

- Распространетото мислење дека Ајнштајн бил лош ученик не е воопшто поткрепен податок - заклучува Паис.

Надарен студент? Да. Студент со добро однесување, внимателен и успешен? Не баш.

Алберт подоцна во текот на животот се соочувал со проблем бидејќи не можел да пронајде сигурна работа, поради истите особини што ги имал додека учел. Се сметал себеси за несфатен меѓу другите академци. Се издвојувал поради својата независност и поради тоа што не се вклопувал со другите.

Сето тоа доведува до прашањето: Од каде познатата приказна за неговиот неуспех по математика?

Шпекулацијата за неположениот тест по математика во четврто одделение е неточна. Вистина е дека потфрлил кога полагал приемен испит од познатата Федерална политехничка школа во Цирих. Тој и тука на тестот по математика бил одличен и го направил на завидно ниво. Положил физика и математика, меѓутоа, во научните предмети бил слаб, па тоа била причината зошто не бил примен. Затоа, студиите ги започнал на Кантонската школа во Арау, во северниот дел на Швајцарија.

Судејќи по сè, Ајнштајн не бил примерен ученик, но никогаш не бил лошо дете. Шпекулациите за паѓањето на тестот по математика се сосема неточни. Тој отсекогаш сакал да биде математичар.

Со комбинација на шпекулации, претерувања и полувистини настанала заблуда што лесно се распространила.

На крај, еве уште еден интересен факт во врска со школувањето на Ајнштајн: во текот на неговата последна година од студирањето во Арау системот за оценување бил променет, па 1 станала најниска, а 6 највисока оценка. Пред тоа правилото било обратно. Можеби некој видел многу единици меѓу оценките на Ајнштајн и не знаејќи ги останатите информации, донел погрешен заклучок кој ја уништил репутацијата на Ајнштајн.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот