X
 30.04.2018 Наша тема

Здравко Савески, активист: Македонија не е толку сиромашна земја за да има толку сиромашни луѓе

Имаме масовно кршење на работничките права. Се работи прекувремено подолго од законски дозволеното време, не се плаќаат прекувремената работа и работата за празници, газдите бараат од работниците да им вратат дел од платите или од К-15, се отпуштаат од работа спротивно на законските одредби – вели Здравко Савески, активист и синдикалец

„Највисоката плата за 2016 година беше 204.000 евра месечно нето. Можете да ја замислите оваа плата? Таа плата е над 1.000 пати повисока од минималната од 12.000 денари. Оној што зема минимална плата треба да работи 1.040 месеци, или 86 години и 8 месеци, за да земе една месечна плата на ова лице“.
Со вакви статуси на социјалната мрежа „Фејсбук“ активистот и синдикалец Здравко Савески, член на Левица, секој ден потсетува зошто на 1 Мај ќе излезе на протест, а нема да оди на пикник. Во интервју за Факултети.мк, Савески потсетува на ужасните работнички права во земјава и како секој поединец може да крене глас и да придонесе за промени.

На 1 Мај повеќето од нашите граѓани ќе запалат скара и ќе одат на пикник. Зошто Вие утре ќе излезете на протест?

- Зашто знам дека Македонија не е толку сиромашна земја за да има толку сиромашни луѓе. Но, за да не биде така, мора да се избориме за тоа. Ако чекаме некој друг да ни ја заврши работата, тоа никогаш нема да се случи. Најголемиот успех на властодршците во последните 25 години е што успеаја да ја убијат вербата на обичниот народ дека е можен суштински подобар живот од овој што го живееме. И затоа луѓето не излегуваат на протести, зашто немаат верба дека може да се успее, дека може да биде подобро. Напразно верувајќи дека ќе им се насмее среќата, дека ќе се смилува газдата или шефот и дека нема претерано лоши да им бидат работните услови и платата, дека ќе успеат да врзат крај со крај.


фото: Радован Вујовиќ

Во последно време на социјалните мрежи постојано потсетувате на едно важно прашање, работничките права. На кое ниво се тие во нашата држава?

- Сите знаат дека се на доста ниско ниво. Не треба тоа некој да им го каже на работниците, самите го чувствуваат. Трудот е недоволно платен, се гази по достоинството и правата на работниците. Сѐ повеќе работници се принудени да водат крпен живот, да преживуваат наместо да живеат. Не дека така морало да биде. Така сме дозволиле да биде. Дали сме подготвени да се избориме за подобрување на нашите права или сѐ ќе се сведе на констатирање на нашата жална ситуација, тоа е вистинското прашање.

Каква е Вашата процена, за што, како работници, треба најитно да се избориме?

- Треба да се направи цела серија законски измени со кои ќе се вратат работничките права, кои беа укинати овие години. Власта не мора да оди предалеку. За почеток, нека го оствари она што го напиша во сопствената програма за работа. На пример, постои масовна злоупотреба на договорите на определено време, кои можат да траат дури пет години и кои се користат за држење во потчинетост и неизвесност на многу работници. Владата во сопствената програма напиша дека договорите на определено време по шест месеци ќе се трансформираат во договори на неопределено време. За ова да се промени, нема потреба од некакви масовни подготовки. За само еден месец, ако има политичка волја, може да се направи промената во Собранието. Но, она што очигледно отсуствува е волјата да се направи тоа. И очигледно, без притисок, тие тоа нема да го направат и најмногу би сакале да заборавиме што напишале во сопствената програма за работа. А не се важни само законските измени, туку и прашањето дали се почитуваат правата во практиката. Имаме масовно кршење на работничките права. Се работи прекувремено подолго од законски дозволеното време, не се плаќаат прекувремената работа и работата за празници, газдите бараат од работниците да им вратат дел од платите или од К-15, се пријавуваат работници на скратено време, а работат и подолго од полното работно време, им се крати годишниот одмор или не им се плаќа, се отпуштаат од работа спротивно на законските одредби. Но, промени во Инспекторатот за труд нема. На негово чело е истиот директор што го постави власта на Никола Груевски. Очигледно е дека и новата власт, како и претходните, слугувајќи им на интересите на крупниот капитал, нема волја, ниту желба Инспекторатот за труд конечно да почне да си ја врши работата.

Во која сфера најмногу се загрозени работничките права?

- Во сите сектори има кршење на работничките права. Фактички, нема сектор каде што не се кршат работничките права. Некои од кршењата се заеднички за сите сектори, а некои се специфични за даден сектор. Има одредени специфики и помеѓу кршењето на работничките права во приватниот и во јавниот сектор. Во јавниот сектор еден од најголемите проблеми е продуциран од вработувањето по партиски заслуги. На некадарни луѓе им се дава функција или работа, па тие ем се изживуваат со оние што не се вработени по партиска линија ем им ја префрлаат својата работа. Во приватниот сектор, многу газди во своите фирми имаат воспоставено вистинска диктатура. Ги принудуваат работниците да работат прекувремено, им даваат работни задачи за кои се потребни двајца, па и тројца работници за да ги завршат, слабо ги плаќаат за сработеното, се изживуваат со нив. Некаде воопшто не се внимава на заштитата при работа, се тераат работниците преинтензивно да работат, па сето тоа резултира со многубројни повреди на работното место, па дури и со смртни случаи. Зависно од годината, во Македонија на секои 10 до 20 дена загинува по еден работник! За какви работнички права да зборуваме при една ваква ситуација?!


фото: Радован Вујовиќ

Просветните работници исто така се соочуваат со многу проблеми, постојано потсетуваат на нивните мали плати, лошата синдикална организација... Какви промени се потребни на ова поле?

- Згазено е достоинството на оваа благородна професија. Поради големото вработување по партиска линија и поставувањето некадарни партиски послушници на директорските позиции, многу просветни работници се подложени на вистинска тортура на нивните работни места. А тоа се одразува врз квалитетот на нивната работа. И тие, како и многу други, се несоодветно платени за својата работа, па и тоа се одразува врз квалитетот на наставата. Она што е потребно, како и во други сфери, е да се организираат и да се спротивстават. Знам дека е тоа потешко да се каже отколку да се направи. Но, не е невозможно. Пред три години бевме сведоци на формирањето на Наставничкиот и Професорскиот пленум. Заедно со Студентскиот и Средношколскиот пленум, тие беа светли примери за тоа што може да се направи ако постои верба дека борбата не е залудна. Да, можеше да биде подобро, но дури и она што се постигна го покажува потенцијалот на колективната акција.

Како познат синдикалец и борец за работничките права, сигурно сте во контакт со многу синдикални организации и работници. Има ли случај на кршење на работничките права кој буквално Ве оставил без зборови?

- За жал, сум се изнаслушал многу трагични приказни. Најтешко ми паѓаат оние кога едноставно ништо не може да се направи во дадениот случај зашто законите се направени да бидат против работниците. Ќе наведам еден пример во кој и ние се вклучивме за да има прифатлив епилог. Работничка со дете што требаше да се оперира, за време на боледување, доби отказ од маркетот каде што работеше. Бидејќи таа, по претпоставка, имаше склучено договор за вработување, во таков случај отказот би бил незаконски и маркетот ќе мораше да ја врати на работа. Но, кога трудовиот инспектор изврши инспекција, менаџментот успеа да го обезоружа со еден потег. Излезе дека на работничката, иако примала минимална плата, ѝ подметнале да потпише менаџерски договор. А, согласно Законот за трговски друштва, при вакви договори не важат одредбите од Законот за работни односи, ограбувајќи ги работниците од серија права, вклучително и од правата кои оневозможуваат злоупотреби на отказот. Па бидејќи имала менаџерски договор и бидејќи во него пишувало дека може да биде отпуштена во секое време и без образложение, нејзиниот отказ бил законски.
Во врска со оваа дупка во законот би им препорачал на работниците да внимаваат кога потпишуваат договори, да видат дали тоа се договори за вработување или менаџерски договори (парадоксално, првите се подобри од вторите), а на законодавците би им посочил итно да ја затворат оваа дупка во Законот за трговски друштва зашто газдите ја злоупотребуваат на штета на работниците.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева/ milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема