Правата на работниците во Македонија многу малку се почитуваат и спроведуваат. Во приватниот сектор работодавците најчесто манипулираат со својата положба и моќ. Си ,,поигруваат“ со работниците како што сакаат и бараат превисоки и невозможни критериуми за работа.
Чести се случаите кога кандидат-лекар сака да аплицира за работа во клиника, па оттаму добива услов. Најчесто работодавецот ѝ поставува услов на жена само затоа што е жена. Жената е таа која е тесно поврзана со семејството и има повеќе улоги одеднаш: сопруга, мајка, ќерка, работник и сл. Кога жена-лекар аплицира за работа во клиника, веднаш следува прашањето: „Планираш да раѓаш во блиска иднина?“, а по него и ,,Не ти плаќам специјализација ако родиш“. Ова е прекршување по однос на статус на семејство, но и дискриминација врз основа на пол. Работодавецот не смее да го става барателот на вработување во нееднаква положба со другите вработени само поради семејниот статус или пол. Прекршување на право постои и во начелото за заштита на бремените жени.
Работодавците во приватниот сектор многу често знаат да дадат отказно решение на оние жени што родиле и на кои со закон им следува породилно отсуство. Работодавците ,,изигруваат“ жртва, па често наоѓаат изговор дека нивниот бизнис трпи големи штети и ќе дојде до пропаст. Работничките во овој случај се откажуваат од породилното отсуство и по само неколку дена од породувањето се враќаат на своите работни места. Во начелото за заштита на бремени жени е содржано дека оние жени што се бремени или имаат дете до една година не смеат да вршат прекувремена работа или да работат ноќно време, освен ако не дале претходно писмена согласност за тоа. Но, често можеме да забележиме дека и ова начело не се почитува и дека работничките вршат прекувремена работа без никаква согласност.
Во Македонија често можеме да се сретнеме и со ситуации кога работодавецот не ги одјавува своите вработени сѐ додека не ги врати долговите, иако фирмата доживеала колапс. Фирмата стигнала до степен на банкрот, работниците се водат за вработени, плата не им е исплатена повеќе од 5 месеци. Работниците не добиваат материјален надоместок затоа што не се одјавени од фирмата, а со тоа го изгубиле и здравственото осигурување поради неисплатените придонеси.
Правото на годишен одмор е право на секој работник без оглед на неговото вработување во државен или приватен сектор. Работодавците од приватните сектори многу често даваат минимален број денови за користење на годишниот одмор. Законот предвидува дека годишниот одмор мора да трае најмалку две недели. Па така работниците си добиваат годишен одмор од 14 дена и тоа во период кога работодавецот им дозволува. Работниците не можат да го користат годишниот одмор по своја волја, односно во период кога ќе посакаат, туку тоа се случува во период кој работодавецот ќе им го определи.
Младината е лулка на една држава. Но, кој води грижа за да останат и понатаму лулка и светлост. Работниците што не наполниле 18 години не смеат да работат ноќно време, помеѓу 22 часот и 6 часот наредниот ден. Но, практиката не го покажува тоа. Младите лица што не наполниле 18 години најчесто се вработени во локални кафе-барови и ресторани. Работат во две смени, денска и ноќна, и остануваат на работа до затворање на локалот, односно до полноќ и по полноќ. Чест е случајот и на вработени малолетни лица во ноќни дискотеки, на шанкови како бармени или келнери. Никој не го контролира тоа и всушност не се води никаква грижа и евиденција за нивна заштита.
Многубројни се примерите кога се прекршуваат правата на работниците во Македонија. Во државен или во приватен сектор. Секојдневно се прават манипулации од страна на работодавците и си поигруваат со чувствата на работниците. Од страв и мала шанса за повторно вработување, работниците се потчинети и го трпат омаловажувањето. Некои од нив си ги познаваат своите права, а некои за жал не се ни свесни дека ги имаат.
Секој човек има право на работен однос и тоа право не значи да прифатете да бидете омаловажувани и да ви бидат ускратени правата кои следат од тој однос!
Автор: Елена Михајловска, дипломиран семеен едукатор