Десктоп и лаптоп-компјутерите обично имаат повеќе УСБ порти/влезови кои овозможуваат поврзување на периферни уреди како што се тастатура, глушец, печатач или надворешни дискови. Сепак, овие приклучоци се изложени на надворешни влијанија и лесно можат да акумулираат прашина, нечистотија и мали честички кои, доколку не се отстранат, може да предизвикаат проблеми. Редовното и правилно чистење може да спречи дефекти и да ја продолжи функционалноста на уредот.
За безбедно чистење на УСБ-влезовите (без разлика дали тип-А или тип-Ц), се препорачуваат следниве додатоци: четка со меки влакна, стапчиња за уши, алкохол (70 % изопропил алкохол), пинцети со гумени врвови и по можност компресиран воздух со тенка пластична млазница. Пред да започнете со чистењето, компјутерот треба да се исклучи за да се избегне каква било штета поради краток спој.
Процесот на чистење вклучува неколку едноставни чекори. Прво, видливата прашина се отстранува со четка. Ако честичките се подлабоки, може да се користат пинцети со гумени врвови и дополнително осветлување, но секој метален предмет што би можел да ги прекине контактите, да предизвика краток спој и со тоа да ја оштети портата, мора да се избегнува. Потоа се користи компресиран воздух во кратки млазници - важно е шишето да се држи исправено за да не се излее течноста.
Последниот чекор вклучува користење стапче за уво, натопено во изопропил алкохол за нежно да се помине внатрешноста на влезот, за да се отстрани нечистотијата. Бидејќи алкохолот брзо испарува, тој не претставува опасност за електрониката. За дополнителна заштита и поретко чистење, се препорачува употреба на силиконски приклучоци, затворачи за УСБ-влезови кои се достапни на интернет.
Извор: benchmark.rs
Фото: Freepik