X
 12.06.2022 Живот

Нивоата на јаглероден диоксид може да се споредат со оние од пред 4 милиони години

Концентрациите на јаглероден диоксид во атмосферата во мај биле 50 отсто повисоки отколку во прединдустриската ера, достигнувајќи нивоа кои не биле забележани на Земјата околу четири милиони години, истакнаа од главната американска климатска агенција.

Глобалното затоплување предизвикано од луѓето е одговорно за новиот рекорд, истакнаа од американската Национална администрација за океани и атмосфера (НОАА).

Секоја година мај е месецот со највисоките нивоа на јаглероден диоксид. Во мај годинава бил надминат прагот од 420 делови на милион (ppm) - мерна единица која се користи за се измери загадувањето во атмосферата.

Во мај 2021 година стапката била 419 ppm, додека во 2020 година била 417 ppm. Мерењата се направени во опсерваторијата „Мауна Лоа“ на Хаваи, која е сместена високо на вулкан, што овозможува избегнување на можни влијанија од локално загадување.

Во прединдустриската револуција нивоата на јаглероден диоксид биле околу 280 ppm, ниво што било одржувано околу 6.000 години.

Сега нивото може да се спореди со она од пред  4,1 до 4,5 милиони години, кога нивоата на јаглероден диоксид биле околу или над 400 ppm, истакнаа од агенцијата. Тогаш нивото на морето било помеѓу 5 и 25 метри поголемо од сегашното, што е доволно високо да потопи многу од денешните големи градови.

Јаглеродниот диоксид е стакленички гас кој заробува топлина, постепено предизвикувајќи глобално затоплување. Останува во атмосферата и океаните илјадници години. Неговите затоплувачки ефекти веќе предизвикуваат драматични последици, забележуваат од НОАА, вклучувајќи ги сè почестите топлотни бранови, суши, пожари или поплави.

- Јаглеродниот диоксид е на нивоа кои нашиот вид никогаш порано не ги искусил. Ова не е нешто ново. За ова знаеме половина век и не успеавме да направиме нешто значајно. Што треба да се случи за да се разбудиме - прашува Питер Танс, научник од Глобалната лабораторија за мониторинг.

Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот