X
 30.06.2022 Наша тема

Проф. д-р Намита Субиото од Универзитетот во Љубљана: Одбранети се над 80 дипломски и магистерски трудови од областа на македонскиот јазик и книжевност

Во речиси секоја генерација има студенти кои покажуваат голем интерес за македонистика и кои освен што сериозно студираат, учествуваат и во преведувачки проекти, на научни конференции, настапуваат на културни манифестации, известуваат за македонистички теми во медиуми, истакнува професорката Намита Субиото, која изминативе дваесет години ја води Катедрата за македонски јазик и книжевност при Одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитет во Љубљана

Годинава се одбележуваат 60 години од поставувањето на темелите на изучувањето на македонистиката на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана – исклучително значаен јубилеј за македонскиот јазик, литература и култура. Изминативе дваесет години ја води проф. д-р Намита Субиото. Денес, Универзитетот во Љубљана е еден од универзитетските центри во овој дел на Европа на кои има најголем интерес за македонистиката, и тоа не само историографски, туку и за најактуелните теми и прашања во македонската лингвистика, книжевност и култура, за што сведочат и многубројните научни трудови, но и книжевни преводи.

Според нашата соговорничка Намита Субиото, добро е да се негува македонистиката во Љубљана и во другите странски универзитети. Добро е да се негуваат и изучуваат што повеќе научни дисциплини. Со негувањето на македонистиката и надвор од матичните македонски институции се отвораат поинакви перспективи, погледи кон македонскиот јазик, литература и култура, пред сѐ, во вид на споредбени анализи кои придонесуваат кон меѓусебно (за)познавање, но и кон подобро познавање на себеси.



Зошто токму во Љубљана се оствари овој пионерски чекор?


Работата на лекторатот по македонски јазик на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана започнува во учебната година 1961/62, иако конкурсот за лектор по македонски јазик, на кој е примен Блаже Ристовски, бил објавен уште во 1960 година, веројатно затоа што тогаш се воведува и настава по словенечки јазик на Филозофскиот (денес Филолошки) факултет во Скопје со првата лекторка Бистрица Миркуловска. Но, како што (во нејзината книга „Премостувања“) вели Миркуловска: „Секој почеток се надоврзува на некој претходен почеток“ при што нѐ потсетува на пионерската улога на нејзиниот професор Фран Петре, кој предавал словенечка книжевност на Филозофскиот факултет во Скопје од неговото формирање во 1946 година, а негови први студенти, освен Миркуловска и Александар Спасоп (кој го наследил Петре како професор по словенечка книжевност) биле и истакнати македонски поети и преведувачи: Гане Тодоровски, Србо Ивановски, Матеја Матевски, Томе Арсовски, Цане Андреевски. Мислам дека токму со педагошката, истражувачка и стручна работа на Петре започнува и академската соработка на полето на македонистиката и словенистиката меѓу универзитетите во Скопје и во Љубљана.



Што остана забележано изминатите 60 години на Катедрата за македонистика во Љубљана?

Исклучително големи достигнувања оствари професор Драги Стефанија, кој на македонистиката во Љубљана ѝ посвети цели три децении и кој успеа лекторатот да го надгради во самостојна Катедра за македонски јазик и книжевност, да го зголеми уделот на македонистичките содржини во студиски програми, да подготви неопходната студиска литература, и кој со љубов им/ни го пренесуваше своето големо познавање на македонскиот јазик, литература и култура на своите студенти. Во последните две децении се трудиме да ја зачуваме постигнатата позиција на македонистиката на нашиот факултет, ја негуваме соработката со македонистички центри и институции во Македонија и во регионот (размена на студенти и професори, научни конференции и проекти, списанија и публикации) и со македонски културни друштва во Словенија, а, пред сѐ, настојуваме да мотивираме студенти да ги изучуваат македонскиот јазик и литература...

Каков е интересот на студентите?

Интересот варира, но во речиси секоја генерација има студенти кои покажуваат голем интерес за македонистика и кои освен што сериозно студираат, учествуваат и во преведувачки проекти, научни конференции, настапуваат на културни манифестации, известуваат за македонистички теми во медиуми итн.



Какви прашања најмногу ги интересираат новите генерации словенечки македонисти?

Ги интересираат различни сегменти од македонската граматика, пред сѐ, балканските (несловенски) карактеристики; ги интересираат знаците на традиција и историја, инкорпорирани во современата литература и култура, ги интригираат преведувачки постапки на релација македонски-словенечки и обратно...

Не само што се изучува македонистиката, туку се бранат магистерски трудови, се прават нови научни трудови... Кој дел од македонистиката е најчесто тема за истражување и изучување?

Во последните две децении на нашиот факултет се одбранети над 80 дипломски и магистерски трудови од областа на македонскиот јазик и книжевност со различни теми (анализа на современи книжевни дела, мотиви од народна книжевност, лингвостилистички анализи и преводи на литературни дела, фразеологија на македонскиот јазик итн.), често и дводисциплинарни, на пример, во комбинација со други јужнословенски јазици и книжевности, со словенистика, бохемистика, споредбена словенска лингвистика, општа и компаративна книжевност, социологија на култура, музикологија, историја, географија... Три вакви дводисциплинарни трудови се наградени со Прешернова награда за најдобрите дипломски и магистерски трудови на факултетот: Шпела Петриц: „O jeziku Dobromirovega evangelija, najstarejšega cirilskega spomenika makedonske redakcije cerkvene slovanščine iz 12. stoletja“, Мирослав Мрковиќ: „Аналитичка и синтетичка ‘Азбука’ Венка Андоновског“ и Емилија Нешкоска: „Koncept Makedonskega etimološkega slovarja“. Во завршна фаза е и нова докторска теза, посветена на заемната рецепција на македонската и словенечката книжевност за деца и млади. На научните конференции студентите најчесто ги претставуваат резултатите од своите истражувања спроведени во рамките на нивните дипломски/магистерски трудови.
Со студентите се занимаваме и со преведување македонска литература, пред сѐ, современа. Досега објавивме 5 книги, а моментално подготвуваме двојазичен избор на македонска детска поезија.



Какво дополнување се заложувате да направите кога станува збор за македонистиката во Љубљана?

Годинава одржав предавање за мотив на метаморфоза и за необични средби во расказот „Винска мушичка“ од Венко Андоновски на две словенечки гимназии и видов дека и кај средношколците постои интерес за интересни теми од македонската култура и уметност, иако македонскиот јазик не е вклучен во средношколските програми (освен на две меѓународни гимназии). Си поставувам повеќе задачи и планови, поврзани со истражување, подготовка на учебните материјали, ажурирање на наставните планови, но најголемата задача и задоволство ми е работата и соработката со студенти: се радувам и се гордеам кога ги слушам нивните излагања на научни и стручни конференции, кога ќе објават преводи, кога ќе добијат награди за своите дипломски/магистерски трудови и кога нивното знаење и нивната посветеност кон македонистиката се забележани и во Македонија.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема