X
 30.07.2024 Живот

Сајбер-напади од Македонија го запреле пребројувањето на гласовите на изборите во Венецуела

Викендов во Венецуела се одржаа претседателски избори кои предизвикаа многу контроверзии. Имено, властите ја именуваа опозициската лидерка Марија Корина Мачадо како клучна осомничена во истрагата за наводна изборна саботажа на претседателските избори што се одржаа во неделата. Биле користени сајбер-напади кои доаѓале од Македонија за да го запрат пребројувањето на гласовите на изборите.

Претседателот Николас Мадуро, кој брзо беше потврден како победник на изборите и покрај големиот скептицизам од меѓународната заедница, во телевизиско обраќање рече дека неговата влада работи на одбранување на она што го гледа како обид за државен удар.

Мадуро изјави дека властите на Венецуела точно знаат од каде дошол нападот, со оглед на тоа што хакерите оставиле трага. Државниот обвинител на Венецуела, Тарек Саб, информира дека од IP-адреси во Македонија бил извршен сајбер-напад врз електронскиот систем, со што се забавило пребројувањето на гласовите на претседателските избори.

Изборната комисија соопшти дека Мадуро победи на изборите со 51,2 отсто од гласовите, наспроти 44,2 отсто на опозицискиот кандидат Едмундо Гонзалес. Меѓутоа, опозицијата не ги признава резултатите и рече дека неколку неофицијални извештаи покажуваат дека Гонзалес победи со 70 отсто од гласовите и најави дека се подготвува да ги оспори резултатите објавени од изборната комисија.

- Резултатите не можат да се сокријат. Земјата мирно избра промени - напиша Гонзалес на неговиот твитер-профил.

Извор: News.Yahoo.com
Фото: Twitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот