X
 30.09.2021 Живот

Лавата од вулканот Камбре Виеја стигна до океанот, се стравува од појава на отровни гасови

Лава од вулканот на шпанскиот остров Ла Палма стигна до Атлантскиот Океан предизвикувајќи страв од појава на отровни гасови и експлозии.

Облаци од бела пареа се кренаа кога топлата течност дојде во контакт со вода во областа Плаја Нуева. Ова би можело да предизвика хемиска реакција со хлор, што предизвикува иритација на кожата и очите и влијае врз дишењето.

Вулканот Камбре Виеја на Канарските Острови еруптира на 19 септември, поради што стотици домови беа уништени, а околу 6.000 луѓе беа евакуирани бидејќи лавата проголта куќи, училишта и плантажи со банани.

Шпанските власти го прогласија Ла Палма, најсеверозападниот остров на архипелагот во близина на северноафриканскиот брег, за зона на катастрофа, ветувајќи финансиска поддршка за сите погодени од вулканската активност.

1
Фото: Wikipedia

Штетни гасови

Лавата што влегува во океанот може да создаде опасности за кои се знае дека во некои случаи сериозно повредиле или убиле луѓе во близина, објави Американскиот геолошки институт. Средбата на топла магма (растопени карпи) со студената вода создава штетна магла што е многу опасна.

- Кога лавата ќе се сретне со морето, се создава пареа бидејќи испаруваат големи количини солена вода. Ова се должи на високиот контраст на температурите. Температурата на лавата е повисока од 900 степени, додека на водата е околу 23 степени - вели Хозе Мангас, професор по геологија на Универзитетот „Лас Палмас“ на Канарските Острови, каде што неодамна еруптира вулканот Кумбре Виеја.

- Бидејќи водата содржи хлориди, сулфати, карбонати, флуор и јод, токсичните гасови, исто така, стануваат испарливи и се зголемуваат - додава Манга.

3
Фото: Wikipedia

Кога лавата доаѓа во контакт со водата од океанот, создава поток од гас што е мешавина на лава и магла. Оваа мешавина се формира поради серија хемиски реакции додека жешката лава врие во постудената морска вода.

- Се создава комбинација од хлороводородна киселина, водена пареа и пепел, а тоа не е добро да се вдиши - вели научниот репортер и вулканолог д-р Робин Џорџ Ендрјус.

Извор: ВВС
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот