X
 30.09.2021 Наша тема

Македонка и нејзиниот сопруг - добитници на „Еми“ раскажуваат како е да се работи и живее меѓу холивудските ѕвезди

Во интервјуто за Факултети.мк, добитничката на наградата „Еми“ за визуелни ефекти - Александра Кочоска-Дековиќ и нејзиниот сопруг Анте Дековиќ зборуваат за животот во Лос Анџелес, за работата во филмската индустрија и за успехот што не го очекувале, а кој е резултат на посветеност, љубов, тимска работа и заемна соработка

Наградата „Еми“ првпат е во рацете на Македонка. Благодарение на нашата Александра Кочоска-Дековиќ од Скопје, Македонија пишува историја во филмската индустрија! Таа е дел од тимот кој оваа година победи во категоријата исклучителни специјални визуелни ефекти во поединечна епизода во серијалот „Ѕвездени патеки: Откритие“.

Александра веќе 10 години живее во Лос Анџелес. Таа никогаш не претпоставувала дека еден ден ќе се најде на црвениот килим со холивудските ѕвезди, ниту пак дека ќе соработува со нив. За Факултети.мк вели дека ова не е само поединечен успех за неа, туку ова е успех за Македонија. Ни на крај на памет не ѝ било дека еден ден токму таа ќе ѝ донесе филмски успеси на нејзината татковина. Животниот пат, поточно нејзината љубовна патека ја носи токму во светот на славните. Во Америка го запознала Анте Дековиќ од Хрватска, сега нејзин сопруг, кој веќе подолго време работел на визуелни ефекти. Во меѓувреме Кочоска-Дековиќ добива две дипломи од Универзитетот УКЛА и се потпишува како продуцент на визуелни ефекти на неколку американски хит-серии, меѓу кои „Ѕвездени патеки: Кратки филмови“ и „Заспаната долина“ (Sleepy Hollow), координатор е на визуелни ефекти на првата сезона на „Безгранично“ (Limitless), „Вистински детектив“ (True Detective). Работи како продуцент на визуелни ефекти на серијата „Ѕвездени патеки: Откритие“.



Александра и Анте Дековиќ ги споделија своите импресии по наградата и ни открија како е да се работи во Холивуд.

Во 2019 година бевте номинирани за „Еми“, но заминавте без награда. Дали оваа година чувствувате дека наградата е ваша?

Aлександра: Чувството е одлично и кога само ќе се влезе во потесниот круг на петте најдобри номинирани. Јас верував дека имаме големи шанси во категоријата за поединечна епизода. Нашата серија имаше најмногу гласови и презадоволна сум од конечниот исход.
Анте: Искрено се надевав дека оваа година ќе ја добиеме наградата, но како и секогаш, неизвесно е сè до крајот на церемонијата. Јас бев прилично сигурен и верував во нашата епизода, но сепак постои сомнеж до последната минута на доделувањето на наградите. Сè уште не ми се верува дека ја добивме ние!)



Какво е чувството да се слушне своето име како добитник на „Еми“?

Aлександра: Навистина е неповторливо чувство. Јас лично имав многу трема, но и позитивна возбуда. Ме држеше сѐ додека не дојдовме до бината, а Џејсон Зимерман (Jason Zimmerman) држеше говор. Во целиот период преовладуваше чувство на гордост и среќа. Исполнети сте и задоволни кога вашата работа ја добива најпрестижната награда во ТВ-индустријата.
Анте: Неверојатно! Во моментот кога нè прочитаа, ни требаа неколку секунди за да сфатиме дека ние сме победниците. За многу кратко време веќе бевме на сцената.

Раскажете ни како е да се биде дел од холивудскиот гламур?

Aлександра: Секако, погламурозно е на сет каде што сте дел од секојдневната акција и каде што се одвива снимањето. За време на карантинот сите работевме од дома и имавме среќа што снимањето беше завршено. Тоа ни помогна да ја завршиме сезоната. Вистинска чест е да бидете на состанок со Алекс Курцман. Тој е нашиот водечки и главен продуцент. Има посебна енергија и таа се чувствува кога сте на состанок со него. Чест е да се биде дел од целиот процес на работа со таков човек, кој ја прави работата исклучителна.
Анте: И по 16 години работа сè уште е возбудливо, но најпосле, со текот на времето, едноставно станува секојдневна работа како и секоја друга. Актерите се многу големи професионалци и многу пријатни луѓе, тие ни станаа како фамилија бидејќи веќе четири години работиме заедно. Ќе ги споменам Патрик Стјуарт или Џонатан Фрејк. На моменти сѐ уште ми е неверојатно дека можам да се допишувам со Џонатан Фрејкс. Сите се приземни и соработката со нив е многу нормална.

Какви реакции добивте од вашите најблиски откако споделивте дека ја добивте наградата?

Aлександра: Напливот на внимание е навистина нешто посебно и бев уште погорда Македонка. Мило ми е дека и ние имаме добитник на „Еми“ во државата. Моите родители, мојата сестра, зетот, сите гордо славеа дома. Добив многу честитки од пријатели и луѓе што не ги познавам, ама се почувствувале убаво во моментот кога ја дознале убавата вест. Благодарна сум им на сите за одвоеното време.
Анте: Јас потекнувам од Хрватска, земја малку поголема од Македонија, таму сите беа многу горди и среќни за мојот успех. Бев пријатно изненаден што многу луѓе кои не ги познавам се обидоа да ме контактираат и да ми честитаат. Сите беа многу горди за мојот личен успех, но и за тоа што го направив за мојата земја.



Зошто треба да се гледа серијата „Ѕвездени патеки: Откритие“?

Aлександра: Како и во сите други серии „Ѕвездени патеки“, фокусот е на „откривање“ нови цивилизации, планети, светови, но секако тука е и главниот лик. Пораката на главниот лик, Капетан Бурнхам, е следната „Who must learn to truly understand all things alien, you must first understand yourself“, или во превод - За да ги разберете сите вонземни работи околу нас, мора прво да се спознаете себеси.
Анте: Затоа што е дел од голема франшиза која постои 55 години и има големо влијание врз претходните генерации, но и поради пораката што ја пренесува серијата, особено во овие времиња кога се случуваат многу кризи, пораката за единство, еднаквост и љубов.


Фото: приватна архива
Подготвил: Александра Овчарска-Бела

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема