X
 30.09.2022 Наука

Какви се еколошките последици од оштетувањето на гасоводот Северен тек?

Метанот кој се исфрла во атмосферата од оштетените гасоводи Северен тек 1 и 2 има мало влијание врз климатските промени, велат научниците. Меѓутоа, оштетувањето ги покажува ризиците од емисиите на штетни гасови предизвикани од фосилни горива.

Европската Унија изјави дека верува дека оштетувањето на стратешки битните Северен тек 1 и 2 е намерен чин. Овие гасоводи не се во функција, но сепак содржат гас, а данските власти претпоставуваат дека гасот ќе истекува сѐ додека не се испразнат гасоводите. Течењето на гасот се очекува да трае барем една седмица.

Каков гас тече?

Природниот гас во составот најмногу има метан, кој е многу поштетен од јаглеродниот диоксид, иако во атмосферата се задржува само околу една деценија. За споредба, јаглеродниот диоксид се задржува во атмосферата стотици илјади години. Дел од метанот кој излегува од гасоводот ќе оксидира во водата и ќе се претвори во јаглероден диоксид, според Грант Елен, професор по атмосферска физика на Универзитетот во Манчестер.


Фото: Swedish coast guard

Меѓутоа, поголемиот дел од гасот ќе стигне до површината на морето како метан, според него. Метанот е одговорен за околу 30 отсто од глобалниот пораст на температурите досега, иако го има помалку во атмосферата отколку јаглеродниот диоксид.

Колкава е штетата?

Не се знае точно колкава е штетата на гасоводите, но некои експерти и организации се обиделе да пресметаат. Според една процена, во Северен тек 2 има до 177 милиони кубни метри природен гас. Ова е еквивалентно на количеството природен гас доволно за потребите на 124.000 домови годишно.


Фото: Swedish coast guard


Според други процени, во гасоводите има од 150 до 350 милиони кубни метри гас. Малку е веројатно дека тие целосно ќе се испразнат, но доколку се испразни само едниот, тоа ќе биде двојно поголемо истекување на гас отколку најголемата ваква несреќа во САД.

Како се споредува со глобалните емисии?

Експертите очекуваат истекувањето на гасот да има инстантен силен ефект врз затоплувањето и загадувањето на воздухот. Меѓутоа, ефектот е мал во споредба со секојдневните истекувања од гасоводите низ светот. Тој ќе претставува околу 10 отсто од глобалните истекувања на гас.

Сепак, експертите велат дека инцидентот ја посочува потребата итно да престанат да се користат штетни фосилни горива за се спречат климатските промени и да се обезбеди енергетска сигурност. Се проценува дека истекувањето на гасот од оштетените гасоводи е еднакво на 2,5 часа од глобалните емисии на штетни гасови.

Извор: Science alert
Насловна фотографија: Swedish coast guard
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука