„Јас сум дел од оној мал процент студенти што се први во семејството што успеале да завршат медицина“, вели гордо за себе Бојана Кацарова, дипломиран доктор по општа медицина и првенец на генерација на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Заедно со Анастасија Петличковска од УКИМ и Аљбина Рамадани од Државниот универзитет во Тетово ја доби наградата „Примариус д-р Димитар Ивановски“ што секоја година Лекарската комора на Македонија им ја доделува на тројцата студенти со највисок просек на трите државни медицински факултети.
Но, да се биде меѓу најдобрите студенти во Македонија бара напор, истрајност и одрекување од многу работи што му значат на еден млад човек.
- Несомнено е дека студирањето медицина е еден долг и исцрпувачки процес. Потребна е исклучителна посветеност и издржливост. Социјалните интеракции, слободното време, па понекогаш и сопственото здравје се сериозно запоставени. Но, важно е да не се скршнува од главната цел - како да се стане подобар човек во својата професија. Кога фокусот е насочен кон стекнување ново знаење и учење за себеусовршување, а не за оценка, успехот е неминовен. На тој начин, сето она што е научено може квалитетно да се примени при клиничката работа - вели Бојана за својот успех.
Средното медицинско образование Бојана го завршила во Велес и веќе во втора година знаела дека сака да ѝ се посвети на медицината и во високото образование.
Еден од најтешките предизвици во студирањето било менаџирањето со финансиите и запоставувањето на некои активности што дотогаш ја интересирале.
- Иако дел од студентите сме биле потпомогнати со стипендија, сепак, ова е државен факултет на кој има многу трошоци. Тука спаѓаат сместување, превоз, исхрана, книги и други учебни помагала. Ова е трнлив пат исткаен со препреки, но со вистинска трудољубивост и верба сонот се остварува. Секое вложување во текот на студиите на крај е исплатливо и вредно - истакна Бојана, која генерално е задоволна и од достапноста на професорите на ФМН при УГД со кои контактирала најчесто за менторства.
Во моментов е на стажирање во Белград, каде што се подготвува да ја започне својата професионална кариера.
- Во моментов сум на стажирање во Белград. По неговото завршување следува полагање на стручен испит во Лекарска комора - вели таа.
Кога би имала можност, Бојана би променила неколку работи во здравствениот систем и би ставила посебен акцент на младите лекари кои покажале извонредни резултати за време на студирањето.
- Секој завршен студент треба да добие можност за вработување веднаш по дипломирањето. Особено тоа да им се овозможи на студентите и младите лекари кои покажале исклучителни способности и оствариле значителни афирмации во текот на студиите. Организацијата на здравствениот систем како целина тука игра голема улога. Корисно е да постои соодветен начин на менторирање за да се воочи секој млад лекар за која специјалност е најталентиран и во која област ќе биде делотворен. Континуираната медицинска едукација, ресурсите и, секако, правилниот пристап кон пациентите се тематики кои заслужуваат нова димензија.
Свесна сум дека ова е хуманистичка професија и дека здравствените работници се максимално пожртвувани. Оттука доаѓа прашањето која е улогата на младиот лекар. Неретко речиси секој лекар ги става потребите на пациентите пред своите потреби. Едноставно медицината станува животен стил, кој длабоко се вкоренува во порите на нашето секојдневно функционирање. Еднаш медицина - засекогаш медицина - потенцира младата лекарка.
Фото: приватна архива