X
 30.10.2022 Живот

Како станал успешен основачот на „Најк“ и покрај тоа што сите го советувале да се откаже?

На Фил Најт, милијардерот и основач на компанијата за спортска опрема „Најк“, сите му велеле дека нема да успее.

И покрај коментарите, Фил Најт и понатаму управувал со „Најк“ и не се откажувал, па оваа компанија денес е една од најуспешните во областа на производство на спортска опрема.

Во едно од неговите интервјуа, Најт го опишува патот на трансформирање на „Најк“ од обична мала компанија во компанија вредна 140 милијарди долари. Како што изјави тогаш, многумина се сомневале во неговата способност да успее.

- Многу луѓе ми велеа дека нема да успеам - изјави Најт.

Тој отсекогаш го знаел ризикот да не успее, но неговиот оптимистички став му помогнал да истрае. Создавањето и растењето на „Најк“ за него биле најзабавното нешто што некогаш го направил. Неговиот тим имал цел и верувал дека ќе успее.

Морале да надминат многу пречки.

- Знаевме дека можеме да пропаднеме, но едноставно имавме позитивен став. Го сакавме тоа што го правевме и се сакавме едни со други - вели тој.

Во 1963 година Најт ја основал компанијата „Најк“, која првенствено била наречена „Блу рибон спортс“, со инвестиција од 500 долари од поранешниот тренер на атлетика Бил Бауерман. Првата продажба ја направил така што одел на состаноци и продавал патики од багажникот на својот автомобил. Денес, „Форбс“ ја проценува неговата нето-вредност на 23,9 милијарди долари.

Како што во една пригода изјави Најт, започнувањето бизнис денес е многу поинакво отколку во 60-тите години. Кога го започнал бизнисот, ѝ рекол на својата 20-годишна сестра да оди во управата за да земе дозвола за бизнис. Не биле вклучени сметководители или адвокати.

Еднаш, во интервју во кое ја промовирал својата книга „Мемоари од креаторот на Најк“, Најт објаснил колку малку искуство имал кога ја основал компанијата во 1962 година.

И покрај тоа што немал никакво знаење и искуство, Најт открил неколку клучни детали за почетоците на компанијата и како таа подоцна се искачила до незамисливи височини. Способноста на Најт и неговиот тим да ги проценат и да одговорат на барањата на пазарот им помогнала да ги покријат сите празнини и целата нестручност.

На прашањето која вештина му помогнала, иако речиси ништо не знаел за бизнисот, Најт одговорил:

- Ако треба да издвојам една работа, тоа би била мојата способност да ги проценам луѓето.

Сепак, на некој начин Најт мисли дека започнувањето бизнис денес може да биде многу полесно. Како што вели, во процесот на создавање на компанијата се мачел со парите, кои не било лесно да се добијат. Денес е многу полесно да се создаде капитал поради банките и заемите. Сепак, тој е загрижен дека интересот за претприемништво е намален.

Најт беше инспириран од претприемачкиот дух и одлучноста на олимпискиот атлетичар Стив Префонтејн, кој станал еден од најпознатите американски натпреварувачи на атлетика во 70-тите години.

Извор: Bizlife.rs
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот