X
 30.10.2023 Живот

Ова е првата држава што буквално останува без готовина

Минатата година, првпат по речиси 170 години, во Шведска не беше забележан грабеж на банка.

Со оглед на екстремно насилната природа на организираниот криминал во оваа земја, овој факт звучи прилично неверојатно. Сепак, одговорот е едноставен - нема смисла да се ограбуваат шведските банки бидејќи повеќе нема готовина во филијалите и трезорите.

Во моментов Шведска е најнапредната земја во светот кога се работи за безготовинското плаќање, а шведските банки се предводници на тој тренд.

Цели сектори, на пример, јавниот превоз, повеќе не прифаќаат готовина. Општо земено, постои голема шанса шведските продавници, ресторани, музеи, хотели, разни услужни дејности и јавни институции да не примаат готовина, односно купувачот да остане без стоки и услуги доколку нема никаква форма на дигитално плаќање.

Дури и даночната администрација нема да прифати никакво плаќање во готовина, што некои го сметаат за апсурдно и се прашуваат зошто владата не сака да прифати готовина што сама ја испечатила. Единствени институции кои се законски обврзани да примаат готовина при плаќање на партиципација се болниците.

Неодамнешно истражување спроведено од шведската централна банка покажа дека само 8 отсто од граѓаните последното купување го платиле со монети или банкноти. Тој процент пред 10 години беше дури 40.

Дури и постарите граѓани не користат готовина


Дури и постарите граѓани, за кои се смета дека тешко ги прифаќаат дигиталните иновации, во голема мера престанаа да користат готовина.

Уделот на луѓе на возраст од 65 до 84 години кои велат дека користеле готовина за последното купување е намален на 9 отсто, што е намалување од 16 отсто пред само две години. Се верува дека постарите граѓани се префрлиле на дигитално плаќање со доаѓањето на ковид-пандемијата.

Повеќето шведски граѓани никогаш не поседувале поголеми банкноти, како што се 500 или 1.000 круни, и честопати немаат поим како изгледаат. Во принцип, сосема е нормално и вообичаено во Шведска да живеете со години без ниту една банкнота или монети во вашиот паричник. Физичките, пластичните кредитни и дебитни картички брзо исчезнуваат и се заменуваат со дигитални и мобилни верзии, како и разни други форми на дигитално плаќање.

Вкупната готовина на Шведска денес е приближно 80 милијарди круни, или околу 7 милијарди евра, но тоа е само малку повеќе од 1 отсто од вкупната понуда на пари.

Аналитичарите очекуваат дека за околу 15 години готовината целосно ќе изумре и дека Шведска, веројатно прва во светот, ќе стане општество без готовина. На готовината се гледа како на непотребен трошок и безбедносен ризик, како и постојана цел за фалсификување. Покрај тоа, дигиталните трансакции полесно се контролираат.

Не се сите „за“


Но, не се сите ентузијасти за безготовинското општество. Со години се води дебата за тоа дали е легално да се одбие готовината како платежно средство. Иако законот вели дека банкнотите и монетите издадени од Риксбанк се законско средство за плаќање, поранешниот главен правен директор на шведската централна банка, Ерик Фрајберг, се залагаше за правото на трговците да одбиваат готовина.

- Купувањето во продавниците во суштина претставува склучување договор меѓу две страни. Продавниците можат да ја отстранат готовината од тој договорен однос - вели тој.

Освен правни спорови, има и некои посериозни аргументи за чување на готовината во оптек. Имено, војната во Украина покажа во какви проблеми може да се најде едно дигитализирано општество кога наеднаш ќе згаснат струјата и интернетот. Банкнотите и монетите сè уште служат како резервен систем доколку престанат да функционираат електронските платежни средства.

Но, бидејќи помалку Швеѓани плаќаат со банкноти, инфраструктурата поврзана со готовина, како што е бројот на банкомати или блиндирани возила за транспорт на банкноти, веќе нема да може да се справи со ненадејното враќање на готовината.

- Ако дојдеме до кризна ситуација и луѓето мораат повторно да користат готовина, важно е да го задржиме системот за готовина како резервно решение. Во спротивно ќе имаме општество што не функционира - изјави Анри Олсон, поранешен вицегувернер на „Риксбанк“.

Слична ситуација и во соседните земји

И соседните скандинавски земји го забележуваат трендот на напуштање на готовина, но не го прифаќаат без реакција.

Во Данска постои закон кој вели дека сите продавници со персонал се обврзани да примаат готовина, со одредени исклучоци навечер. Во Норвешка, владата предлага заострување на законите за готовина.

Извор: b92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот