X
 30.11.2016 Култура

Слободан Јовановиќ: Што е полуинтелектуалец?

„Во целосната смисла на неговиот вид, полуинтелектуалецот е човек којшто уредно, дури и со многу добар успех завршил школо, но во поглед на културното образование и моралното воспитување не стекнал речиси ништо.

Независно дали заради неговата вродена неспособност или заради недостатоците на школскиот систем - не добил поттик за духовно саморазвивање. Тој воошто не ги разбира и не ги цени духовните вредности. Сè што цени е според тоа колку нештото придонесува за успех во животот, а успехот го сфаќа во ‘чаршиска’ смисла, односно материјалистички. Заедно со другите духовни вредности, тој ја отфрла и моралната дисциплина, но не сосема, бидејќи прекршувањето на таа дисциплина повлекува кривична одговорност. Сепак, во морален и во културен поглед, тој во основа останал примитивец. Несмекнат од културата и со олабавена морална сопирачка, има сурова сила ‘на претек’. Школската диплома како влезница во кругот на интелигенцијата, му дала претерано високо мислење за себеси.

Во општествениот натпревар, дипломираниот примитивец се бори без скрупули, а со полно уверување да го бара само своето право што му го признала школата. Тој немилосрдно ги потиснува соперниците како да не се живи суштества, туку материјални препреки. Добар е ‘лакташ’ – израз што истовремено продрел во општата употреба со појавата на полуинтелектуалецот.

Да претпоставиме дека во него се пробудила политичката амбиција и дека станал министер. Таа позиција можел да ја освои само преку силно туркање и стрмоглава јагма, и затоа ќе смета дека тоа сега е нешто ‘негово’. Од таа негова придобивка или подобро речено ‘плен’, ќе гледа да извлече што е можно поголема корист. Ќе биде ‘корупционер’, но нема да биде сосема свесен за тој факт, бидејќи тоа ќе му изгледа природно и ‘на место’. Кога чул дека се зборува за неговата оставка, еден полуинтелектуалец рекол:

Кој е луд да се тргне од полн амбар?!’

Нему му изгледа незамисливо човек да не ја користи министерската позиција, исто како што му е незамисливо човек да остане гладен покрај полн амбар.

Политичката амбиција на еден полуинтелектуалец, всушност не е политичка. Таа се состои исклучиво од тоа човек да се збогати преку политиката и да загосподари со високи позиции. Тој не знае за повисоки и општи цели. Дури откако ќе го достигне врвот на политичкиот успех, се гледа дека е морално закржлавен човек. Покрај полуинтелектуалец кој успеал, постои и  полуинтелектуалец кој не успеал.

Како вистински интелектуалец, невработен и запоставен, станува опозиционер. Полуинтелектуалецот во таква ситуација е уште поопасен, бидејќи не знае за никаква морална почит што би ја ублажила неговата огорченост. Не било случајно што многу озлогласени полуинтелектуалци преминале во комунисти.

Полуинтелектуалецот е болна општествена појава што открива две нешта:

1.    Дека на културниот образец му е потребно дополнување од националниот и политичкиот образец, што особено се чувствува кога почнува да слабее влијанието на споменатите два обрасци;

2.    Дека школото што се ограничува исклучиво на давање знаење, без споредбено воспитување на карактерот, не е во состојба да ја спречи појавата на општествен тип каков што е полуинтелектуалецот.“
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура