X
 30.11.2021 Наука

Истражувачи планираат да дупчат 2 км во срцето на вулкан на Исланд

Вулканот Крафла со своето големо тиркизно кратерско езеро, облаци од чад и базени од сулфурна кал е едно од најимпресивните природни чуда на Исланд.

Овде, во Североисточен Исланд, група меѓународни истражувачи се подготвуваат да дупчат два километри во срцето на вулканот. Целта на проектот е да се изгради првата подземна опсерваторија на магма во светот.

Проектот вреден 100 милиони долари беше лансиран во 2014 година, а првото дупчење треба да започне во 2024 година. Во него учествуваат научници и инженери од 38 истражувачки институти и компании од 11 земји, вклучувајќи ги САД, Обединетото Кралство и Франција.

Нивната намера е да направат дупка до магматската комора во вулканот.

За разлика од лавата што еруптира на површината, магмата, стопениот карпест материјал под површината на Земјата, сè уште е мистерија за научниците.

- Опсерваторијата Крафла ќе биде прва од ваков вид во светот - изјави Паоло Папале, вулканолог од италијанскиот Национален институт за геофизика и вулканологија.

- Никогаш не сме ја проучувале подземната магма, освен кога случајно налетавме на неа додека дупчевме во вулкани на Хаваи, Кенија и во Крафла во 2009 година - додаде Папале.

Научниците се надеваат дека проектот ќе направи голем напредок во искористувањето на геотермалната енергија и ќе го продлабочи знаењето за предвидување на вулкански ерупции и ризици.

- Клучно е да се знае каде се наоѓа магмата за да бидеме подготвени за ерупција. Без тоа сме речиси слепи, додаде тој.

Како и многу научни достигнувања, опсерваторијата на магмата е резултат на неочекувано откритие.

Кога инженерите работеле на проширување на геотермалната централа Крафла во 2009 година, случајно пробиле магматичен џеб на длабочина од 2,1 километра.

vulkan
Фото: Freepik

Од бунарот се издигнал чад, а се излеала и малку лава и ја оштетила опремата за дупчење. Сепак, немало ерупција, ниту пак некој бил повреден. Вулканолозите тогаш сфатиле дека се на дофат на магматска комора за која проценуваат дека содржи околу 500 милиони кубни метри магма.

Научниците биле изненадени кога откриле магма толку плитко. Тие очекувале дека ќе треба да дупчат најмалку до длабочина од 4,5 километри пред да стигнат до неа.
Последователните студии покажаа дека откриената магма има слични својства на ерупцијата на Крафла во 1724 година, што значи дека е стара најмалку 300 години.

Ова откритие потенцијално може да значи дека ќе се разберат многу различни работи - од потеклото на континентите до динамиката на вулканите и геотермалните системи, вели Папале.

Случајното откритие на магма беше корисно и за „Ландсвиркјун“, исландска енергетска компанија која управува со електраната.

Кога е толку блиску до течна магма, карпата достигнува толку екстремни температури што течностите стануваат „суперкритични“, односно се помеѓу течна и гасовита состојба.

Температурата на пареата што изби на површината при инцидентот во 2009 година беше 450 Целзиусови степени, што е највисока забележана температура на вулканска пареа.

Два такви „суперкритични“ бунари би биле доволни за производство на 60 мегавати електрична енергија.

Затоа „Ландсвиркун“ се надева дека овој меѓународен проект ќе доведе до нови технологии за да можат да пробиваат подлабоко и да користат енергија што досега не беше возможна, рече Вордис Еириксдотир, раководител на одделот за геотермални операции и управување со ресурси на компанијата.

Дупчењето во таква екстремна средина бара многу. Опремата мора да биде отпорна на корозија.

- Можноста дека подвигот може да предизвика вулканска ерупција е нешто за што треба да се грижиме - вели Џон Ајхелбергер, геофизичар од Универзитетот во Алјаска и еден од иницијаторите на проектот Крафла.

- Магмата е откриена во десетина бунари на три различни места низ светот и ништо лошо не се случило - додава тој.

Извор: Dailysabah.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука