Проектот почна на 1 јуни: група избрани луѓе ќе добиваат безусловен основен приход од 1.200 евра во период од три години. Проектот ќе се следи научно, а интересот за учество во него беше огромен.
Се пријавија повеќе од 2 милиона луѓе, но на крајот беа избрани 122. Од 1 јуни 2021 година, во наредните три години, овие луѓе ќе добиваат месечен основен приход, односно минимална плата од 1.200 евра. Ова е дел од пилот-проект насочен кон истражување на ефектот на безусловниот основен приход.
Учесниците не мораа да докажат каква било потреба од пари и дозволено им е да работат што сакаат и колку сакаат. Немаат никаква обврска кон финансиерите на проектот, освен што треба да пополнат седум онлајн-прашалници во рок од три години, наменети за истражувањето. Дополнително, 1.380 луѓе исто така треба да го пополнуваат онлајн-прашалникот на секои шест месеци, но тие не примаат основен приход, туку само надомест за потрошеното време. Тие се избрани по случаен избор.
Парите доаѓаат од околу 150.000 приватни донатори и примателите не мора да ги оданочуваат. Станува збор за донација од 43.200 евра по учесник, односно вкупно 5,2 милиони евра. Проектот го започна непрофитно здружение во Берлин.
Сон кој нема врска со реалноста?
Иницијаторите на „Мојот основен приход“, како што се нарекува здружението, се убедени дека безусловната исплата на пари на сите граѓани ќе реши многу проблеми од денешниот живот. Се верува дека ако се отстрани притисокот врз поединци да заработат доволно пари за да преживеат, луѓето ќе станат послободни, покреативни и посреќни.
Дали реалноста може да ја издржи оваа утопија? И тоа ќе биде научно истражувано во рамките на проектот.
- Ќе тестираме што ќе прават луѓето кога имаат материјална безбедност во период од 3 години - вели водачот на истражувањето, Јирген Шуп, од германскиот Институт за економски истражувања.
Фото: Freepik
- Дали ги трошат парите или си прават финансиски резерви? Дали престануваат да работат или работат помалку? Дали стануваат посоцијални и дали повеќе донираат? - додава тој.
Според него, сето ова може да се утврди во овој обемен експеримент. Дури и промените во нивото на стрес би можеле да се испитаат со примероци на коса од некои испитаници бидејќи тие веројатно ќе имаат помал притисок благодарение на најниската плата што ја примаат.
Идеолошки „пукнатини“
Дебатата за безусловен основен приход со години е крајно идеолошка. Главното прашање е што прават луѓето кога не треба да работат. Многу противници на безусловниот основен приход сметаат дека ова е утопија на левичарите кои фантазираат и сакаат да лежат на сметка на заедницата.
Од друга страна, поборниците сметаат дека ова е решение за сегашните и идните проблеми: ќе се подобрат социјалните аспекти - од воспитување до помош во соседството и грижа, а со тоа би можеле да се развиваат модели за иднината во рана фаза, во кои класичните работни места ќе стануваат ретки поради зголемената дигитализација и автоматизација.
Дали парите ги прават луѓето храбри?
Еден од истражувачите се надева дека со експериментот ќе добие увид во теми што им се особено драги на противниците на основната плата: иновациите и претприемништвото.
- Можеби луѓето што добиваат основен приход ќе бидат похрабри во одлуките, како што е започнување сопствен бизнис или промена на работното место - вели тој.
Многу познати претприемачи, Бил Гејтс, Марк Цукерберг и Џеф Безос, немале егзистенцијален страв кога се охрабриле да ги основаат своите компании.
Исто така, прашање е дали дебатата за основните приходи ќе биде помалку идеолошка за три години, кога ќе заврши проектот. Веќе има критичари кои фундаментално го доведуваат во прашање овој пристап. Еден аргумент: само ограничувањето на три години не дозволува да се извлечат заклучоци за тоа како луѓето се однесуваат ако постојано им се исплаќа основна плата.
Што прават луѓето со парите?
Постојат прашања на кои проектот не може да одговори: како ќе се развијат цените ако секој прима основна плата? Дали болните луѓе или оние на кои им требаат пари ќе завршат со помалку пари на располагање отколку сега? И колку треба да бидат високи даноците за да се финансира сето тоа?
- Нашето истражување во никој случај нема да ги реши сите прашања поврзани со основните приходи - вели Јирген Шуп. Но, тој со нетрпение очекува истражувањето да даде одговор на неговото клучно прашање: Што прават луѓето со парите? Ова е возбудливо научно прашање за кое нема сигурни истражувања насекаде во светот.
Сепак, имало обиди да се дознае повеќе за ефектите на основниот приход. Резултатите од истражување во Финска, кое се фокусирало на пазарот на трудот, не беа јасни. Во
Канада, политичарите предвреме му ставија крај на едно истражување од финансиски причини. И во Германија, безусловниот основен приход нема политичка поддршка. Ниту една поголема партија досега не се залагала за такво нешто. По завршувањето на првата тригодишна фаза од овој проект ќе бидат започнати уште две студии за научно испитување со кои научно ќе се испитаат основите на финансирањето.
Извор:
Deutsche Welle
Фото: Freepik