X
 07.05.2020 Наука

За 20 години глечерите во Исланд се намалиле за 800 квадратни километри

Во изминатите 20 години површината на исландските глечери се намалила за околу 800 квадратни километри, површина приближно голема колку полуостровот Рејкјанес. Податоците доаѓаат од извештајот на најистакнатите истражувачи на глечери во Исланд, кој претставува преглед на глечерите на земјата кон крајот на 2019 година.

Во извештајот се гледа дека глечерите во Исланд се повлекувале брзо во период од 26 години, што, како што тврдат авторите, е една од последиците од затоплувањето на климата.

Кон крајот на 19 век глечерите во Исланд ја достигнале својата максимална површина уште од населувањето на островот. Оттогаш нивната површина се намалила за речиси 2.200 километри квадратни. Во последниве години глечерите се намалуваат со брзина од 40 километри квадратни на годишно ниво, што е еквивалентно на 7.500 фудбалски игралишта.

Глечерната лагуна Јокулсарлон, која е популарна туристичка локација, почнала да се формира во средината на 30-тите години поради повлекувањето на глечерот Ватнајекитл. Глечерот Брејдамеркурјокул се повлекол за 150-400 метри во 2019 година. Во просек, Јокулсарлон и Брејдаурлоун, како и некои помали лагуни во областа, пораснале за 0,5 до 1 квадратен километар годишно во последниве неколку години.

Извештајот се заснова на мерења направени од Институтот за науки за Земјата, Универзитетот во Исланд, исландската канцеларија за метеорологија, Националната енергетска компанија на Исланд, Југоисточниот исландски центар за истражување на природата и Глациолошкото друштво на Исланд.

Целиот извештај можете да го погледнете ТУКА.

Извор: Icelandreview.com
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука