Во 2024 година Париз ќе биде домаќин на Олимписките и Параолимписките игри. Најголемиот спортски фестивал во светот оваа година беше во Токио како полигон за тестирање нови технологии, како што се автономните такси, а Французите планираат да направат чекор понатаму за три години. Имено, спортистите, а можеби и гледачите, за време на Олимписките игри низ Париз и неговата околина ќе се превезуваат со летачки такси.
Неделава беше отворена пробна воздухопловна база северно од Париз, која ќе биде центар на тестирање на нови технологии за авиони и електрични авиони „еВТОЛ“, како и беспилотни летала за итна испорака и системи за полнење за сите видови авиони. Ќе се тестираат и технологии за избегнување воздушни судири. Крајната цел е до летото 2024 година да има целосно функционална воздушна такси-мрежа и најмалку две линии на кои тие би можеле да превезуваат патници.
Првата маршрута треба да ги поврзе хелиодромот Париз-Иси-ле-Мулино и воздушната база Сен Сир, а втората тамошните аеродроми Париз-Шарл де Гол и Ле Бурже со центарот на Париз. Тест-летови и тестирање на технологија ќе вршат повеќе компании. Меѓу нив е „Скајпортс“, која веќе има функционални дронови за брза испорака на медицинска опрема и крв, како и словенечкиот производител на електрични авиони „Пипистрел“, кој таму ќе тестира станици за полнење на електрични авиони.
На некој начин, во тестирањето на авионите „еВТОЛ“ ќе учествуваат и постојните компании што веќе напредуваа со развојот на нивните летачки патнички дронови: „Волокоптер“, „Ербас“, „Вертикал ерспејс“, „Асенденс“, „Лилиум“ и „Џоби авиејшн“. Се очекува оваа листа дополнително да се прошири.
Целите на сите тестирања во Франција ќе бидат повеќекратни. Ќе се бараат решенија за намалување на вибрациите и бучавата произведена мултироторски „еВТОЛ“ летала, а ќе се испитаат можностите и начините за интегрирање на овие авиони во конвенционалниот воздушен транспорт, особено од аспект на безбедноста, а треба да се најде решение за ефикасни и модуларни воздушни бази од каде што ќе полетуваат летачките такси.
Фото: Skyports