X
 29.05.2018 Живот

Како реагираше Тито на студентските демонстрации во 1968

Текст на Крешимир Фијачко (Старт, 1978): „Ова веќе не е опасно, стана историја“ - напиша неодамна еден француски весник нудејќи им на своите читатели серија фотографии на тема „Мај ’68“. „Не беше ни премногу опасно“, заклучува површно некој друг француски граѓански весник: „Тоа беше само криза на една генерација...“

Според еден француски писател, „мајската револуција“ била „повеќе филозофска и социјална отколку политичка и институционална револуција, повеќе застрашувачки отколку реален бунт“.

Сепак, ќе излезе дека имаат право оние што во „бурниот мај 1968“ гледаат не криза на една генерација, туку криза на едно општество, бунт кој остава траги не само во свеста на учесниците и сведоците. Бидејќи тие мајски денови Европа се тресеше:

„Можевме да ја смениме историјата“ (Даниел Кон-Бендит)

Денес, десет години подоцна и покрај илјадниците книги за „западната културна револуција“, сѐ уште нема целосна оцена на мајските случувања од 1968, сѐ уште некаде се оспорува значењето на париските барикади и нивните (можни) дострели. Па сепак:

„Општеството пред 1968... беше општество во кое на универзитетите, во културниот живот доминираа мандарини, во кои синдикалниот живот често беше врзан во фабриките и канцелариите, во кој судиите беа послушни, во кој зборот екологија беше речиси непознат. Се чинеше дека тој свет ѝ припаѓа на добата пред потопот. Но, дали навистина имаше потоп? Во два месеца е потопен стариот свет, расипани се црвоточните структури, очигледно е докажано дека столбот на почитување, на кој тој свет се засновал, е нагризен“. („Монд“)

Беа реални и бараа невозможно, но и Франција (каде што мај ’68 доживеа кулминација) и Европа оставаа различен впечаток по париските барикади.

„Кажи ми го тоа - со калдрма!“


Што влијаеше врз раѓањето на борбеното студентско движење на Западот, „новата опозиција“, која своите политички манифести ќе ги пишува на ѕидовите, ќе ги брани зад барикадите и која некои ќе се обидат да ја негираат поради „нејасните политички идеи“ („Не знаеме што сакаме, ама сакаме веднаш“)?

Во Франција, која во тие мајски денови 1968 година се најде на раб на општествена криза, која речиси целосно беше парализирана од генералниот штрајк и каде што под притисок на незадоволните (студентски) маси беа доведени во прашање речиси сите вредности што во граѓанскиот состав и свест се сметаа за свети, на моменти се чинеше дека сепак е возможно да се оствари „невозможното“. Во секој случај, едно бајато општество беше потресено до темел.

Зошто баш таму мајската студентска револуција можеше да ја достигне кулминацијата? Франција во тие моменти беше една од најцентрализираните земји на светот, со институции кои сѐ уште го помнеа Наполеон, со власт која беше многу далеку од граѓаните, со старомодна настава на универзитетите, со студенти целосно зависни од професорите и нивните погледи. И иако мај ’68 е роден од едно „недоразбирање меѓу професор и студент на универзитет во париското предградие Нантер“ (22 март 1968), корените на бунтот се многу подлабоки.

Меѓу многутемина што можеле да влијаат врз појавата на борбеното студентско движење има неколку особено значајни извршители. Пред сѐ - сталинистичката ориентација на некои западни комунистички партии, потоа тоа што работничката класа и во високоразвиените земји од Западот сѐ повеќе постоеше како „класа сама по себе“, и тоа што се чувствуваа последици од манипулирањето со нејзината класна свест и нејзиното сознавање на самата себе. Иако според студентско толкување од мајските денови 1968 непостоењето на субјективна потреба за општествена промена не значи и непостоење на објективни потреби за неа.

Третиот извршител е феноменот кој филозофот Маркузе го карактеризира како општество на изобилието. Тоа е гнасење на младите генерации од богатството кое создава притисок врз свеста на поединците. (Богатството како средство за манипулација.) Самиот Маркузе, кој тие години од студентите бил завикан и цитиран како пророк, во едно интервју рекол:

„Незадоволството на студентите не е толку насочено против неволјите што ги носи ова општество, туку против неговите наводни благосостојби. Тоа е сосема нов феномен, својствен само за општеството на изобилие“.

Руди Дучке, кој заедно со Даниел Кон-Бендит е еден од главните лидери и идеолози на студентската револуција, вели:

„Она што нѐ обединува не е никаква апстрактна теорија на вистина, туку едно есенцијално гнасење кон општеството кое само себе си се допаѓа разговарајќи за слободата, кое на рафиниран, но брутален начин ги угнетува интересите и непосредните потреби како на индивидуите така и на народот кој се бори да ја оствари својата социјална и политичка еманципација“.

Од тоа е родена тезата за борба со насилство против насилство, теза која во мај 1968 година ќе го мобилизира западното движење и ќе ги изведе студентите на булеварите, зад барикадите.

„Ноќ на барикадите“

Во Франција тоа се нарекуваше „идеја на постојано оспорување“, во Западна Германија „идеја на организирано одбивање послушност“, а и едното и другото значеа дека „буржоаската држава и сите нејзини институции мора да бидат предмет на постојан напад и испитување“.

Таа пролет западен Берлин ги виде студентите како ја опсадуваат издавачката куќа „Спрингер“ („Против монополот на информации“), а во Нантер, на универзитетот во предградие на Париз, студентите ги зазедоа управните простории. Создадено е „Движењето 22 март“, Даниел Кон-Бендит е еден од лидерите. Објавен е леток во кој се осудуваат „полициското насилство и капиталистите на кои тие мерки им служат“. Деканот наредува факултетите да се затворат на неколку дена, немирите продолжуваат.

На втори мај деканот во Нантер ги запира предавањата, а четворица студенти, поради демонстрациите и нередите, се повикани пред универзитетскиот совет. Еден ден потоа избиваат нереди и во Париз, на Сорбона: ректорот Роче ја повикува полицијата да продре во просториите на универзитетот и „да ги уапси студентите кои се подготвуваат да им се спротивстават на командосите од крајната десница“.

Уапсени се 569 студенти. Студентската реакција: кренати барикади. Контрареакција: ректорот го затвора универзитетот. Сојузот на студенти повикува на штрајк.

По мај - јуни

На шести мај студентите излегуваат на улица, околу 20.000 креваат барикади во Латинскиот кварт и се судираат со полицијата. Уапсени се 422 студенти. Еден ден подоцна: голем марш на студентите со многубројни судири со полицијата.

На десетти мај (петтиот ден од бунтот) - „ноќ на барикадите“. Во борбите меѓу студентите и полицијата се повредени 367 лица. Уапсени се 460 студенти.

Во Западна Германија демонстрации како знак на солидарност со француските студенти. На 13 мај во Франција: генерален штрајк во знак на протест против полициските репресалии. Протестен марш во Париз со 500.000 луѓе. Сорбона е заземена од студентите.

24 мај: втора „ноќ на барикадите“ во Париз. Запалена е Париската берза, во борбите со полицијата загинува еден студент, безброј се ранети, а 648 се уапсени.

29 мај: Генералната конфедерација на трудот (ЦГФТ) организира демонстрации во Париз, 200.000 студенти бараат формирање на нова народна влада. Тоа е кулминација на „мајскиот бунт“.

Потоа бунтот стивнува: на 16 јуни полицијата повторно ја зазема Сорбона.

Неколку години подоцна Даниел Кон-Бендит и Руди Дучке ќе зборуваат за „деновите кога последен пат бевме млади“ и „можевме да го смениме текот на историјата“.

Бурно и кај нас

Кај нас студентските демонстрации започнаа на трети јуни со еден инцидент и тепачка меѓу студенти и бригадири во Белград, тепачка поради недоразбирање кое набрзо ќе биде решено, но кое ќе прерасне во нереди со, на почетокот, нејасни политички тонови.

Имено, приредбата „Карвани на пријателството ’68“ требаше да се одржи во Домот на младите, а освен бригадирите, беше најавено дека ќе може да ја гледаат и студентите. Но, поради дождот кој се очекуваше, во последен момент е одлучено приредбата да се одржи во салата на Работничкиот универзитет, кој има само 400 седишта.

Во салата можеше да се сместат само бригадирите, а за студентите немаше место. Разлутената маса на студенти, која се собра пред зградата на Работничкиот универзитет, сметајќи дека е измамена, почна своето негодување да го изразува со камења. Приредбата мораше да се прекине, а бригадирите ги зедоа летвите од блиските изложбени паноа и им се спротивставија на напаѓачите, студентите.

Еден од студентите е тешко повреден во тепачките, а во студентскиот град се расчу глас дека е убиен. Тоа уште повеќе ги вознемири студентските духови. Полицијата не се појави додека метежот не беше целосен и додека околу 1.500 студенти не ја опколија зградата на Работничкиот универзитет. Дури тогаш се појави пожарникарната цистерна, која со шмркови се обидуваше да ги раздели спротивставените страни.

Студентите тогаш се свртија против полицајците, почнаа да ги маваат со камења, освоија една цистерна и од шмрковите направија пендреци. Неколку студенти се качија на цистерната и ги повикаа другите да бидат „доследни на другарите во Франција и во Германија“ и веднаш, додека сите се на куп, да тргнат кон Сојузното собрание и Сојузниот извршен совет.

Туркајќи ја пред себе цистерната, студентите тргна кон Белград. Таа ноќ заврши со инциденти и судири меѓу студентите и полицијата, која дури по полноќ успеа да ги потисне демонстрантите назад кон студентскиот град.

Утредента беше одржан голем студентски митинг во студентскиот град, на кој стана јасно дека зад студентските демонстрации има други, политички причини, кои случајниот повод само ги изби на површината.

Студентските барања, поставени тие денови, се однесуваа на подобрување на условите за живот и школување. Се бараше и да се намалат големите социјални нееднаквости во општеството, итно да се решат проблемите со невработеноста, да се обезбеди реална демократија во сите области од општествениот живот побрзо и потемелно да се воспоставуваат самоуправни односи.

Пред демонстрантите тоа утро пристигнаа Вељко Влаховиќ, член на Претседателството на ЦК СКЈ, Милош Миниќ, тогашен претседател на Собранието на СР Србија и други политичари. Тие разговараа со студентите и расправаа за нивните барања. Потоа Влаховиќ на телевизија, меѓу другото, истакна:

„Чувствувам дека во младата генерација созрева и демократијата, желбата за посвеж дух, посвежи мисли и посвежа акција“.

А потоа, исто така преку телевизија, за студентите говореше и Тито. Агенцијата Франс прес тогаш извести:

„...А потоа, додека ситуацијата сѐ уште беше крајно напната, еден говор на другарот Тито преку телевизија смири сѐ. Речиси сите студенти и професори на Белградскиот универзитет одлучија по еднонеделниот штрајк и нереди да продолжат со работа бидејќи шефот на државата сосема едноставно им кажа што има намера да направи за нив и за земјата“.

Што им кажа Тито на студентите?


Не ги осуди, нагласи дека студентските немири во Белград (и во другите градови) не се под влијание на случувањата во Франција, Германија или Чехословачка, туку дека се одраз на актуелните слабости на југословенското општество. Весниците низ светот јавија за тој говор нагласувајќи дека Тито ги заштитил студентите и дека ѝ дал до знаење на целата нација дека се согласува со студентските барања.

Десет години подоцна

А во Франција, Германија...? Ако денес Кон-Бендит со мала доза на жалење вели: „Можевме да го смениме текот на историјата“, изгледа дека сепак е свесен дека мајските денови од 1968 година нешто смениле. Не само во свеста на една генерација која разбеснета излезе на булеварите и застана зад барикадите и не само во Франција или Германија.

Бидејќи и без опасност да се подлегне на митологизирање на тој мај ’68, тоа беа денови кои не само што го потресоа светот, туку и го принудија да размислува поинаку за себеси.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот