Центарот за ментално здравје при Општата болница со проширена дејност во Кочани бележи пораст од околу 7 отсто на бројот на лицата што побарале стручна помош во изминатиот едногодишен период.
Статистичките податоци на Центарот покажуваат дека има зголемување на бројот кај машката популација што се соочува со депресија и анксиозност, а која се охрабрува да се јави за помош кај психијатар и психолог.
- Најчеста причина за депресијата и анксиозноста е постпандемскиот период од коронавирусот, што еднакво влијаеше и кај двата пола, но кај мажите имаше помал одѕив да бараат помош. Сепак, во изминатиот едногодишен период бележиме охрабрување и кај нив, пред сè, тоа се помлади лица кои се јавуваат и бараат помош. Потешките форми на депресии кај машката популација бележат зголемување, а статистички тешко може да се утврди точниот број, со оглед што многумина се плашат да признаат и посегнуваат по алкохол, за да ги прикријат менталните нарушувања. Во изминатата година по пандемијата, тоа зголемување е за околу 7 отсто, при што има и суицидални обиди, а во истражувањето е опфатена популацијата на возраст од 18 до 65 години, затоа што повозрасните лица можат да имаат и други, органски причини за таквата состојба - истакна Дарко Иванов, психијатар во Центарот за ментално здравје во Кочани.
Во анализата на Центарот за ментално здравје се наведува дека социјалната состојба на лицата нема речиси никакво влијание врз појавата на менталните тешкотии, односно никој не може да биде поштеден.
- Сите сме луѓе со емоции, што е природно кај секој човек и кај секого во одреден период може да се јави кризна состојба, што може да не зависи само од него, туку и од околината, од блиски членови во семејството и на работното место. Исто така, и кај лицата што имаат соматски тешкотии, односно некое органско заболување, кај нив веќе се појавуваат и психички проблеми. Затоа навреме треба да се побара стручна помош како превентива од влошување на состојбата на ментален план - додава Иванов.
За да се намали стигматизацијата и дискриминацијата кон лицата со ментални проблеми, Центарот за ментално здравје и Ротари клубот Кочани – Виница веќе организираа едукативно предавање за подигнување на јавната свест, а со слични активности ќе се продолжи и во наредниот период.
Извор: МИА