X
 14.11.2022 Наша тема

Во училиштата се следат мерките за штедење струја и наставата ќе продолжи со физичко присуство

Ставот на МОН е дека во вонредни околности, училиштата последни треба да се затворат, а доколку се случи такво нешто, први да бидат повторно отворени. Состојбата ќе се следи и за какви било одлуки поврзани со наставата во училиштата јавноста ќе биде навремено информирана

- Наставата во училиштата се одвива нормално. Сѐ си тече во најдобар ред. Се следат мерките за штедење и веќе има видливи резултати. Заштедивме овие месеци и сметките веќе се пониски. Со одговорно и професионално однесување, можеме да ги подобриме работите, ни изјави Виолета Ристовска, директорка на ООУ „Блаже Конески“.

Според надлежните, со почитување на барањата порационално да се користи електрична енергија во ниту едно училиште нема да има прекин на наставата поради недостиг на електрична енергија. Со домаќинско користење на струјата нема да има проблеми.

Училиштата имаат обврска да ги гасат светлата доколку нема потреба да работат и да не се затоплуваат просториите каде што нема ученици.

Со цел да се постигне рационално искористување на електричната енергија, на 69. седница на Владата на Македонија, одржана на 16. 8.2022 година, беше усвоен сет на препораки и задолженија за намалување на потрошувачката на електрична и топлинска кои се применуваат во периодот од 1 септември 2022 до 31 март 2023 година. Дел од препораките се однесуваат и на општините и градот Скопје, под чија надлежност се основните општински и средни училиштата, и МОН во неколку наврати упати апел за нивно доследно почитување во посочениот период.



- Во меѓувреме, Владата донесе одлука за снабдување на училиштата со електрична енергија по субвенционирана цена од 95 евра за мегават-час, што е голема поддршка во овој кризен период. Вкупно 366 основни општински училишта и 109 јавни средни училишта со склучување договор за снабдување со електрична енергија со ЕСМ Продажба, ќе создаваат значително помали расходи во општинските и во државниот буџет - ни изјавија од МОН.
Во моментов наставата се одвива со физичко присуство во училиштата и очекуваме така да продолжи.

- Ставот на МОН е дека во вонредни околности, училиштата последни треба да се затворат, а доколку се случи такво нешто, први да бидат повторно отворени. Состојбата ќе се следи и за какви било одлуки поврзани со наставата во училиштата, јавноста ќе биде информирана навремено - истакнаа од МОН.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема